Ципрас ја повика грчката левица да се обедини под чадорот на Сириза

Социјалистите од ЕУ ги повикаа прогресивните сили да ги здружат силите. Се намалува разликата меѓу Нова демократија и Сириза во анкетите


 

Поранешниот грчки премиер и левичарски лидер на опозицијата, Алексис Ципрас, вети „силен прогресивен“ камбек на партиската конференција на неговата Сириза во четвртокот (14 април), повик што беше поддржан од водечките социјалистички политичари ширум Европа.

Во моментов во опозиција, Ципрас ја нападна владејачката партија Нова демократија (ЕПП), велејќи дека деновите ѝ се избројани.

Левичарскиот лидер рече дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис спроведувал агресивни неолиберални политики што резултирале со социјална неправда.

„Во рок од три години, Грција стана рај за олигарсите и пекол за општеството“, рече Ципрас.

Левичарскиот политичар ги повика грчките прогресивни сили да се обединат под чадорот на неговата партија пред следните национални избори, по примерот на владеење на Шпанија и Португалија.

Истакнати социјалистички политичари низ Европа се вклучија на конференцијата преку видеа или испратија писма со поддршка на повикот на Ципрас.

На иста страна со Ципрас

Грчката партија Сириза е поврзана со Европската левица, но Ципрас учествува како набљудувач на собирите на Партијата на европските социјалисти (ПЕС).

Официјален член на ПЕС во Грција е Панхеленското социјалистичко движење (Пасок), кое досега не ги откри своите намери во врска со идните соработки во коалициска влада.

Но нејзиниот лидер Никос Андулакис отфрли какво било сценарио за соработка со Нова демократија под власта на Мицотакис.

Иако во јавноста социјалистите од ЕУ со седиште во Брисел избегнуваат да им даваат насоки на националните партии членки за тоа какви коалициски сојузи треба да имаат, тие инсистираат дека по германските избори, социјалистите треба да гледаат во прогресивниот политички спектар.

„Пасок е наш член, но идеолошки, ние сме на иста страна со Ципрас“, изјави извор од ПЕС за „Еурактив“ минатиот декември.

Според последната анкета, Нова Демократија и натаму е во водство со 30%, потоа Сириза со 24,5% и Пасок со 12%.

Владата рече дека изборите ќе се случат на крајот од нејзиниот мандат за повеќе од една година, меѓутоа, зголемените цени и социјалните немири може да ги забрзаат работите. Според сегашните анкети, еднопартиска влада е речиси невозможна по следните избори.

Меѓу социјалистичките политичари на ЕУ кои интервенираа на конференцијата беа португалскиот премиер Антонио Коста, неговиот шпански колега Педро Санчез, вицепремиерот и министер за труд на шпанската левица, Јоланда Дијаз, како и поранешниот премиер на Италија и генералниот секретар на Демократската партија, Енрико Лета.

Сите социјалистички лидери ги повикаа прогресивците да ги здружат силите.

„Живееме во многу комплицирани времиња и во Европа и во остатокот од светот по влијанието на пандемијата и руската инвазија на Украина. Затоа денес, повеќе од кога било, ни треба зајакнување на прогресивните гласови за да можеме да дадеме фер одговори“, рече Санчез.

Слично на тоа, Коста го нарече Ципрас „пријател“ и рече дека денес се потребни прогресивни сили за зелената и дигиталната транзиција да не остави никого зад себе.Колку попрогресивни шефови на држави имаме во Советот, толку повеќе солидарност, еднаквост и правда можеме да им донесеме на сите Европејци, а не само на неколкумина“, рече Коста.

„Политичката битка на Сириза во моментов е заедничка битка за Европа на демократија, слобода и солидарност во драматичен момент од европската историја“, истакна Лета. (Еурактив)