Ципрас има мотор, Каменос јахта, Мицотакис пет возила


Каменос и сопругата пријавиле делумна или целосна сопственост на 66 недвижнини, Мицотакис и сопругата на 32, Ципрас и партнерката на две недвижнини, дел од грчките политичари со стотици илјади евра во банка и акции, други со само по неколку евра, едни со по еден автомобил, други со неколку возила и јахта, покажуваат пријавите за имотната состојба на политичарите во Грција доставени лани, а се однесуваат на 2018 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Нешто помалку од 200.000 евра бил годишниот приход на актуелниот грчки премиер, Кирјакос Мицотакис, а тогаш лидер на опозициската Нова демократија. Приходите се од пратеничкиот мандат, од земјоделски бизнис активности, од недвижен имот, како и од кредити.

Неговата сопруга Марева Габрофски-Мицотаки, имала годишен приход од 71.846 евра.

Мицотакис во грчките банки има заштеда од 1.081 евро и 547 американски долари, а неговата сопруга 285.752 евра и 182.939 американски долари во грчка, француска и швајцарска банка.

Брачниот пар има во делумна или целосна сопственост 32 недвижнини, меѓу кои куќи во различни делови на Грција, ниви, станови, а сопругата на Мицотакис има и недвижнина во Велика Британија.

Вкупно поседуваат седум возила, шест автомобили и еден камион за земјоделски работи.

Мицотакис има акции во весникот „Кирикс“, а Габрофски во две фирми.

Актуелниот грчки премиер, во 2018 година имал кредитни долгови во висина од 449.204 евра, а неговата сопруга 912.868 евра.

Лидерот на опозициската СИРИЗА, а тогаш премиер на Грција, Алексис Ципрас имал годишен приход од 35.034 евра, а неговата партнерка Перистера Базиана 19.654 евра.

Во банките имале заштеда 114.141 евра, од кои 41.164 евра се на име на Ципрас, Базиана има 27.770 евра, а останатите 45.207 се на името на еден од нивните малолетните синови.

Ципрас пријавил дека во негова сопственост има стан и мотор, а неговата партнерка плац и автомобил.

Алексис Ципрас и Перистера Базиана немаат кредити.

Меѓу побогатите грчки политичари е поранешниот министер за одбрана и лидер на Независни Грци, Панос Каменос.

За 2018 година пријавил годишен приход од 365.674 евра, од кои 325.385 евра се од недвижнини, во банките има заштеда од 142.550 евра, а заедно со неговото семејство имаат делумна или целосна сопственост на 66 недвижнини (станови, куќи, имоти, деловни простори, ниви) во различни делови на Грција, како и три автомобили и 11метарска јахта.

Дијаметрално спротивна е имотната состојба на првиот човек на Комунистичката партија на Грција Димитрис Куцубас, кој е меѓу најсиромашните.

Има годишен приход од 76.549 евра од пратеничкиот мандат, износ кој целосно се префрла на сметката на централниот комитет на партијата.

Заедно со неговата сопруга во грчките банки имаат 15.272 евра, поседуваат три станови од кои еден е нецелосно завршен, немаат кредити, ниту возила.

Лидерката на Движење на промена Фофи Генимата имала годишен приход од 37.196 евра, износ кој е само од нејзиниот пратенички мандат.

Во банка имала 22.219 евра, додека пак нејзиниот сопруг Андреас Цунис има околу 103.000 евра.

Брачниот пар има делумна или целосна сопственост на 34 недвижнини, од кои само една куќа е во сопственост на Генимата и само еден автомобил.

Грчкиот Парламент денеска објави 1.072 имотни пријави, чија ревизија е во тек. Станува збор за пријави поднесени лани, а се однесуваат на 2018 година.