Ципрас: Грција веднаш да се спротивстави на Договорот ЕУ-Меркосур

Се додека екстремно десничарската влада на Болсонаро одбива да ги преземе нејзините обврски кон животната средина, Грција мора веднаш да се спротивстави на Договорот ЕУ-Меркосур, пишува на неговиот официјален Фејсбук профил поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, jави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас во неговиот статус за пожарите во Амазонија, упатува и критики до актуелниот премиер, Кирјакос Мицотакис.

-Господинот Мицотакис имаше можност на неговата средба со францускиот претседател да се согласи со него, да каже барем еден збор. Ништо не слушнавме. Па дури и сега, Грција мора веднаш да се спротивстави на Договорот ЕУ-Меркосур, сè додека екстремно десничарската влада на Болсонаро одбива да ги преземе нејзините обврски кон животната средина, пишува поранешниот грчки премиер.

Тој вели дека пожарите во Амазонија „се закана, не за некое далечно соседство на планетата, туку за нашиот заеднички дом. За земјата“.

-Климатските промени, политиките кои ја игнорираат животната средина во име на личен интерес и профит, доведуваат до трагични случувања за нашите сопствени животи. Индиферентноста кон оваа закана е индиферентност кон нашите деца сега и во иднина. И лидерите кои ја игнорираат оваа реалност вршат криминал врз човештвото, напиша Ципрас на Фејсбук.