Ципрас доаѓа без вратоврска, без предрасуди и со многу елан
Алексис Ципрас ќе слета денеска на аеродромот во Скопје, со што во досегашната турбулентна хронологија на македонско-грчките односи ќе биде запишан како прв премиер на Грција кој допатувал во официјална посета на земјава. Неговата посета значи остварување на она што се чинеше малку веројатно во првите години од независноста, а што стана невозможно во 2006 година. Тогаш новата влада на Никола Груевски го преименува скопскиот аеродром во „Александар Велики“ најавувајќи ги политиките на антиквизација кои го втурнаа во слепа улица сите напори за решавање на проблемот со името. Поради тоа, пристигнувањето на Ципрас на аеродромот кај Петровец има посебна симболика, ако се има предвид дека токму враќањето на неговото старо име пред нешто повеќе од една година беше сигнал дека е на повидок надминување на долгогодишниот проблем меѓу двете земји, поради кој беа блокирани и македонските интеграциски процеси.
Долгогодишниот проблем со името е затворен, со што е отворен широк простор за соработка и партнерство меѓу двете земји – е пораката со која Ципрас доаѓа во Северна Македонија, без вратоврската што му ја подари македонскиот премиер Зоран Заев лани летото во Преспа, кога го потпишаа договорот за надминување на спорот. Вели дека таа вратоврска ја чува во фиоката во своето биро за да го потсетува на храбриот чекор напред за пријателство и соработка на нашите народи.
Ципрас пристигнува и како кандидат за Нобеловата награда за мир, за што се номинирани заедно со Заев. Преспанскиот договор им ја донесе номинацијата за престижната меѓународна награда на двајцата премиери, кои на домашен терен се соочија со многу пизма и стигма во опозициските и конзервативно-националистички кругови, кои сè уште опстојуваат на ставовите дека „нивната страна“ направила преголеми отстапки во корист на соседната земја.
– Ако мојата влада се плашеше од политичката цена, не ќе можеше ниту да ја извади земјата од кризата и економските програми, ниту да најде решение за осигурителниот систем, ниту да се справи со бегалската криза, ниту да го реши името, ниту да го промовира неопходниот дијалог со Турција и покрај големите тешкотии, ниту да ги направи радикалните промени што беа потребни во областа на човековите права, изјави Ципрас во интервју за МИА пред доаѓањето во Скопје.
Тој посочува дека сепак значаен дел од грчкиот народ беше и е сериозно загрижен во однос на Преспанскиот договор.
– Наша одговорност – моја и на Зоран – е да покажеме дека нашите народи може само да добијат од патот што се отвори. Исто така, наша одговорност е да им одговориме на силите на национализмот, кои во денешниот свет зајакнуваат и целат кон тоа да нè вратат во мрачните времиња – вели грчкиот премиер.
Ципрас не е само прв грчки премиер што ќе допатува во официјална посета на Скопје. Тој е и првиот грчки премиер што прифаќа да допатува во една држава која за официјалната грчка политика не постоеше повеќе од седум децении, забележува Кица Колбе во колумна за „Дојче веле“.
Таа прави споредба со поранешниот германски премиер Вили Брант, кој среде Студената војна се осмели да почне со политика на приближување и пријателство во Советскиот Сојуз и земјите од Источниот блок.
– Може ли токму грчкиот премиер да стане идниот Вили Брант на балканската мировна политика? Неговата историска посета на Скопје е еден од сигналите на тој пат, на кој тој ја има поддршката на ЕУ. Барем засега, се чини дека овој млад и храбар, умерен и прагматичен грчки левичар има потенцијал, но и поволна политичка констелација да тргне по трагите на големите европски миротворци – оценува Колбе.
Во изминатите 28 години независност, единствен грчки премиер што стапна на македонска почва беше Костас Симитис, уште во времето кога премиер беше Љупчо Георгиевски, но неговата посета не беше официјална туку за да учествува на меѓународна конференција во земјава. Ципрас, пак, доаѓа во придружба на над стотина грчки бизнисмени, а посетата ќе ја следат и седумдесетина грчки новинари. Некои од нив уште вчера попладне допатуваа во Скопје, а за другите, според информациите, е резервиран вонреден лет денеска.
Познавачи на грчко-македонските односи во сферата на економијата велат дека од посебно значење за развојот на економската соработка е потпишувањето на билатералните договори за избегнување двојно оданочување и за заштита на инвестициите. Овие договори, како што се посочува, ќе отворат простор за интензивна стопанска соработка меѓу соседите и за нови грчки инвестиции во земјава, која за време на претходните влади во Атина фигурираше како да е на црна листа во однос на економските релации.
Резултатот од договорот од Преспа, вели Ципрас, не е само решавање на прашањето за името и отклучување на европската и евроатлантската перспектива на Северна Македонија. Договорот ги постави темелите за воспоставување силни билатерални односи што предвидуваат соработка и на меѓународно, европско и регионално ниво.
Во рамки на посетата,ќе се одржи првиот состанок на Советот за соработка на високо ниво со учество на десет министри од повеќе области (економија, енергетика, одбрана, надворешна политика, инфраструктура/ транспорт, земјоделски развој, дигитална политика, здравство), а ќе се одржи и првиот бизнис-форум. Треба да се договори акциски план за сите категории на соработка – во областа на одбраната, енергетиката, инфраструктурата…
Претходно, министерот за животна средина и енергија на Грција, Јоргос Статакис, посочи дека поврзувањето на мрежата на природен гас, повторното отворање на нафтоводот Скопје-Солун и надградбата и модернизирањето на интерконекцијата на мрежата за електрична енергија меѓу двете земји се трите конкретни примери за продлабочување на соработката.
Премиерот Заев рече дека во текот на посетата на големата делегација од Грција ќе се разговара за триесетина прашања што се однесуваат на двете земји. Во фокусот се економијата, енергетиката, културата, здравството, образованието, социјалната заштита…
Дружба во време на кампања
Се очекува многу брзо по посетата на Ципрас на Скопје, и македонскиот премиер Зоран Заев да отпатува во возвратна посета на Атина. Тоа ќе се случи пред изборите за европскиот парламент, како што и грчкиот премиер доаѓа во земјава на вториот ден од кампањата за претседателските избори.
Овие избори, први по промената на уставното име на државава, се очекува да го рефлектираат и расположението на гласачите во однос на Преспанскиот договор, односно нивното разбирање за тоа што значи овој документ во однос на исполнувањето на стратегиските цели на Македонија, односно за членството во НАТО и во ЕУ. Посетата на Ципрас на Скопје, според проценките во политички кругови, може да придонесе на гласачите да им се долови суштината на Преспанскиот договор, наспроти контракампањата на опозицијата во однос на промената на името, во која се вклучи и претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Одбивањето на македонската опозиција да учествува во референдумот за името и спроведувањето на Преспанскиот договор, како позиција зад која застана и актуелниот шеф на државата, веројатно, е една од причините поради кои во агендата на Ципрас во Скопје не е предвидена средба со Ѓорге Иванов. Затоа, пак, грчкиот премиер ќе оствари средба со претседателот на парламентот Талат Џафери. Потоа Ципрас се враќа во предизборна Грција каде што кон крајот на мај му следи првиот конкретен тест на рејтингот на СИРИЗА по постигнувањето на Преспанскиот договор. (А.М.М.)
Фото: Б. Грданоски