Циципас го критикува Ѓоковиќ: Дали ние што се вакциниравме сме будали?

Остри критики за српскиот тенисер и од Мартина Навратилова. Таа го советува со првиот авион да се врати дома


 

Бурата околу Новак Ѓоковиќ и неговиот престој во Австралија сѐ уште не стивнува. Додека се чека одлуката на министерот за имиграција дали да се протера светскиот рекет број 1 од земјата, се множат коментарите за целата ситуација.

Претставата ја коментираше четвртиот тенисер во светот, Стефанос Циципас, кој го осуди однесувањето на Ѓоковиќ.

„Изгледа не играат сите според правилата кои треба да бидат еднакви за сите, а не поединци да одлучуваат дали ќе ги следат или не. Јас не би навлегувал во тоа што е правилно, а што не. Го направив она што беше услов да дојдам до Австралија. Не ми падна на памет да се појавам невакциниран. Потребна е храброст да се ризикува настап на Грен слем, но изгледа дека не сите играат според правилата Мал процент решиле да тргнат по својот пат и затоа повеќето играчи изгледаат како будали“. – изјави Циципас.

Случајот на Ѓоковиќ го коментираше Мартина Навратилова, која му порача да се врати во Србија со првиот авион.

„Најдоброто нешто за Новак би било да каже: ‘Знаете што, има премногу грешки, не е во ред и вистинската работа е да се вратиш дома’. Тоа е единствената вистинска работа што треба да се направи, но не мислам дека ќе го направи тоа затоа што ја сака таа 21. титула“, рече Навратилова и рече дека приказната на Ѓоковиќ не држи вода и ги повика Австралијците да му извадат крв и да потврдат дека се заразил со корона вирусот.

„Најголемата грешка е што Новак имаше фотографирање, иако знаеше дека е позитивен. Тоа баш и нема смисол. Тој вели дека се фотографирал затоа што не сакал никого да разочара… зарем вие се шегувате? Јас би останала дома и не би можеле да ме извлечете од куќата за ништо“.

Навратилова рече дека го бранела Новак низ годините, но не разбира зошто не сака да се вакцинира.

„Се восхитував на неговата посветеност да стане најдобриот тенисер што може да стане и знам што е потребно за да се направи такво нешто. Но, во исто време, ако сакате да бидете лидер во спорт, има одговорност што доаѓа со тоа. Поентата е дека понекогаш треба да ги оставите настрана вашите верувања за општо добро, за оние околу вас и вашите обожувачи. Имате две опции, да се вакцинирате или да не играте“, рече Навратилова, додавајќи:

„Понекогаш треба да се постапи правилно и да се смири ситуацијата, а не се да се влошува. Сигурна сум дека Србите се 95 отсто со Новак, но остатокот од светот е 95 отсто против него“, заклучи Навратилова.