„Чувари на формулата“ на Бјелогрлиќ од 9 ноември во „Синеплекс“ и во пет града низ Македонија
Со „Чувари на формулата“ на гала регионалната премиера во Синеплекс, пред преполна сала, на 18 октомври, беше затворен МФФ Киненова

Филмот „Чувари на формулата“ на српскиот режисер и актер Драган Бјелогрлиќ од 9 ноември ќе игра во кината низ Македонија, соопшти македонскиот копродуцент „Скопје филм студио“. Ќе се прикажува во Синеплекс во Скопје, Киноверзум во Штип и во центрите на култура во Пробиштип, Крушево, Струмица и Крива Паланка.
Како се снимаше филмот , со српски и странски актери во Париз, за српски научници кои на крајот на 1950-те во југословенскиот нуклеарен институт Винча се обиделе да направат атомска бомба и при експериментот се озрачиле, вистински настан кој и во Југославија, а и денес е табу тема во Србија, раскажа во октомври, на прес- конференцијата во Скопје, лично Драган Бјелогрлиќ . Со „Чувари на формулата“ на гала регионалната премиера во Синеплекс, пред преполна сала, на 18 октомври, беше затворен МФФ Киненова.

-За случајот Винча имав слушнато претходно, но пред седум години сфатив дека за тоа ништо не знам. Тоа што го знев беше само површна информација која кружеше. Во деведесеттите почнаа да се отвораат тајни документи и почна да се зборува за атомската бомба и сето тоа се разбира беше контроверзно, а јас кога ја прочитав книгата „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ, решив да правам филм за случката. Правев истражувања, разгледував документи и списи до кои не можеше да се дојде во јавноста, разговаравме со инженери од Винча, имав неколку состаноци со луѓе од Државната безбедност кои ми рекоа дека тој проект, тоа досие за атомската бомба постои, но никогаш не излегол и нема да излезе во јавност, изјави денес Бјелогрлиќ.
Рече дека разговарале и со лекари во Франција, ќерката на професорот Мате и ќерката на професорот Шварценберг и дека со сите информации заедно дошле до тоа колкав дел е тајна од целиот случај.

-Филмот имаше промоција пред неколку дена во Париз и единствено што жалам е што не најдовме контакт со донорите и до нивните семејства. Се обидувавме, но поминато е долго време, тие не се повеќе живи. За жал, не се повеќе живи ниту нашите научници, последен жив беше Радојко Максиќ, кој почина пред две години од корона. Нема повеќе живи сведоци за жал, рече Бјелогриќ.
Немало никакви пречки во врска со истражувањето, но имале проблеми со снимањето во Винча. Таму, како што рече, прво имале проблем да добијат дозвола за снимање, но ниту жителите не сакале да зборуваат за тој настан. Наишле на т.н. ѕид на молкот. Постарите научници не биле расположени да споделат информации иако се поминати долги години од случката.
-Полемиката очекувам да се развие и откако повеќе публика ќе го погледне филмот. Тоа е и задачата на културата да ги заинтригира луѓето, да почнат да се интересираат за некои настани, да се информираат…Но, најважно е тоа што не треба да се занемари хуманиот дел од приказната. Би сакал тоа да остави најголем впечаток на луѓето, истакна славниот актер, режисер и сценарист, кој одбележа еден значаен период и на југословенскиот филм.
Двата настани кои се поврзани, а се дијаметрално спротивни биле фасцинација за авторот. Од една страна група луѓе прави нуклеарни експерименти со идеја да направи оружје кое го разорува светот, а тој настан произведува еден друг настан кој го унапредува светот. А плус сето тоа се случува поради емпатија на луѓе кои воопшто не се познавале.
– Најинтересно ми беше прашањето дали во денешно време би можело нешто такво да се случи. И сфатив дека не само што нема шанса, туку тоа не постои ниту како опција. Денеска никој не би жртвувал било што свое за луѓе кои ги познаваат, а не па за луѓе кои воопшто не ги познаваат. А настанот се случил пред само 65 години, значи не е тоа толку одамна, а веќе ни се чини дека е невозможно. Професорот Мате и во времето кога Србија беше под санкции носеше цитостатици во болници во Србија и бесплатно оперираше во болницата „Бежаниска коса“ во Белград, чиј еден оддел денес го носи и неговото име. Тоа е она што мене најмногу ме инспирираше. Затоа и дојдов до таа игра на зборови „чувари на формулата“. И едниот и другиот научник кои ги следиме низ прикажната трагаат по некоја формула, а потоа пронаоѓаат трета формула- формула на животот, која изгледа сите ние сме ја заборавиле. Мислам дека последната сцена од филмот говори за таа силна идеја и така ја направив да погоди право во главата и во срцето на гледачите, за да ги протресе луѓето за да сфатат дека животот е минлив и дека во него може да се направи нешто што ќе остави трага и што ќе даде можност за новите генерации, или ќе го потрошат така бркајќи некаква корист, истакна Бјелогрлиќ.
Суровите сцени се тешки за гледање, но го постигнуваат ефектот.
-Токму бидејќи сакав оваа идеја да исплива на крајот се определив овие сцени да бидат колку што е можно пореални. Целиот процес на вадење на коскена срцевина во тоа време било ужасно болно. Тогаш немале услови, особено кога тоа се прави прв пат. Сакав тие сцени да бидат реалистични и да вознемират, но сите сцени ги следи нежна музика. Идејата беше музиката во свеста да не подготви за поентата на сето тоа, раскажа Бјелогрлиќ.
Бјелогрлиќ најави дека следниот филм ќе третира уште една мистериозна случка поврзана со Белград, а тоа е убиството на телохранителот на славниот француски актер Ален Делон, Стевица Марковиќ од српско потекло во 1968 година, на 31 годин. Неговата смрт предизвика политичка афера и во Франција и во Југославија. Убиството до ден денес не е решено. (Л.С.)