Чулев тврди дека следењето на комуникациите е во спротивност со законите

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на  прес-конференција во МВР, Тврдеше дека системот за следење на комуникациите  е во спротивност со законската регулатива и дека реформите што се водеа под покровителство на Рајнхард Прибе суштински не се реализирани. Министерот Чулев потенцираше дека од страната на стручните служби при МВР е констатирано фрапантно кршење на законите, при што поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (денес Агенција за национална безбедност) сеуште ја има задржано посредничката улога во системот за следење на комуникации, а кој се однесува за кривичните истраги кои се спроведуваат од страна на Министерството за внатрешни работи.

„Согласно Законот за следење на комуникациите и Законот за ОТА, Оперативно техничката агенција (ОТА) била должна да овозможи директна техничка поврзаност помеѓу неа и надлежната служба за спроведување на наредбите за ПИМ, во случајов соодветната организациска единица во МВР, но истото до ден денес не е направено, односно сеуште АНБ ја има задржано посредничката улога, што во суштина значи дека сеуште постои техничката можност АНБ да има увид во следењето на комуникациите кое се спроведува за потребите на кривични истраги спроведувани од страна на МВР“, изјави Чулев.

Според него и покрај тоа што кон крајот на 2019 година била направена надградба на дел од системот кој физички е сместен во АНБ а е наменет за МВР, сепак не била отстранета оваа посредничката улога на агенцијата.

„Тоа значи дека реформата во делот на следењето на комуникациите во најголем дел не е спроведена, иако согласно извештајот и насоките на Прибе уште во 2015 година јасно е укажано дека од аспектот на техничка опременост УБК го имала монополот над користењето на опремата за следење на комуникациите во разузнавањето и во кривичните истраги, односно имала можност да го спроведува и набљудувато и следењето на комуникациите во свое име и во име на правосудната полиција, при што можела индиректно да ја покткопа независноста на водачот на истрагата, односно обвинителот“, рече министерот Чулев.

Покрај ова министерот Чулев упати јавно прашања и до својот претходник во министерството, Оливер Спасовски – зошто не се имплементирани законските одредби насочени кон реформи на процесот на следење на комуникациите,зошто и покрај препораките на Прибе, но и одредбите од новиот закон за следење на комуникациите не се преземени активности за отстранување на посредничката улога на АНБ во процесот на следење на комуникациите за кривичните истраги кои ги спроведува МВР и дали Спасовски знаел за оваа состојба и свесно не презел активности за нејзино отрстранување и надминување?

Чулев упати прашање и до актуелниот директор на ОТА околу неспроведувањето на членовите 2 и 3 од Законот за ОТА со кои се наложува обврска за овозможување на директна техничка поврзаност помеѓу ОТА и работните станици во МВР, како и до актуелниот директор на АНБ дали свесно се ставил над законот со тоа што дозволил ваквата состојба која била главна забелешка во извештајот на Прибе да биде присутна до ден денес.

На крајот од прес конференцијата министерот Чулев го повика надлежното јавно обвинителство да го истражи овој сериозен случај и по допрен глас да утврди евентуална одговорност за неспроведување на законот или да утврди која е одговорноста на доскорешното раководство на Министерството за внатрешни работи и на актуелните раководства на АНБ и ОТА во целава оваа ситуација.

„Јавноста има право и треба да знае, кој стои позади фактот дека Агенцијата за национална безбедност се уште го држи монополот во системот на следење на комуникации и дали тоа сценарио е креирано и спроведувано од одредени политички структури кои беа задолжени и тврдеа дека овие реформи се спроведени“, констатираше Чулев.

Спасовски: Постапките и истрагите треба да се одвиваат како што е пропишано во законот

Штип, 28 мај 2020 (МИА) – Како што е пропишано во законот, така и треба да се одвиваат сите постапки и истраги посочи премиерот Оливер Спасовски по денешното тврдењето на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев дека неотстранувањето на посредничката улога  на Агенцијата за национална безбедност при следењето на комуникациите, говори дека реформите во безбедносните слушни се само замајување на јавноста.

Спасовски смета дека ситуацијата во однос со следењето на комуникација е сосема јасна.

– Ние имаме Оперативна техничка агенција, без којашто нема пристап до телеком операторите во државата и затоа се направи таа реформа. Агенцијата за национална безбедност и има право на следење на комуникации, кои се однесуваат на заштита на уставниот поредок на Република Северна Македонија и заштита од висока корупција и криминал, додека истражните постапки ги водат органите кои се надлежни за водење на истражна постапка, а тоа е Бирото за јавна безбедност, тука е Царинската управа, тука е финансиската полиција. Така да како што е припишано во законот така и треба да се одвиваат сите постапки и сите истраги, вели Спасовски.