Чулев: Нема пријава дека е следено и прислушувано раководството на ВМРО–ДПМНЕ


Досега до МВР нема пријава дека е следено и прислушувано раководството на ВМРО–ДПМНЕ. Доколку дојде, ние согласно оперативните процедури ќе постапиме и ќе го информираме jавното обвинителство, рече техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, во одговор на новинарско прашање по изјавата на потпретседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Александар Николоски, дека тој е следен и прислушуван.

На дополнително прашање дали има сознанија или не, Чулев потенцира дека тој нема сознанија, нема добиено пријава за прислушување или следење на политички претставници.

На изјавата на дополнителната заменичка-министерка за знатрешни работи, Славјанка Петровска, дека имало пречекорување на полициските овластувања при акцијата за контрола на донацијата од семејството Заеви, извршена на 30-ти минатиот месец, Чулев појасни  дека со оглед на сензитивноста на настанот веднаш дал наредба до Одделот за внатрешна контрола за да се испита случајот.

„Од Внатрешната контрола е констатирано дека полициските службеници не ги пречекориле полициските овластувања, меѓутоа има одредени минорни административни пропусти и од страна на Внатрешна контрола е констатирано дека има одредени административни пропусти во заведувањето на настанот“, одговори Чулев.

Прашан дали имало налог или наредба за извршување на акцијата, Чулев рече дека полицијата постапила регуларно во поглед на контрола на ограничувањето на движењето на граѓаните и за тоа немало потреба од налог. Додека за другиот дел, кога било констатирано прекршување на ограничување на движењето бил консултиран дежурен јавен обвинител и понатаму целокупното постапување на полицијата било во рамки на соработката и под координација на јавен обвинител.