Чулев и реплицира на Шекеринска за заразените полицајци


Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев реагираше на изјавата на вицепремиерката Радмила Шекеринска дека четири полициски службеници се заразени од ковид- 19 по одбележувањето на Денот на полицијата.

-Ова е груба дезинформација и пласирање на лаги и невистини во јавноста. Ваквите неумесни и паушални изјави најпрво фрлаат сенка на работата на Министерството за внатрешни работи, а потоа и на професионалноста и одговорноста на полициските службениц,и кои целиот изминат период успешно се борат против ширењето на пандемијата во нашата држава. Факт е дека ваквото одбележување, со кое им дадовме почит и признание на полициските полициските службеници, од првиот ден е „трн во око“ на госпоѓата Шекеринска, а со денешните неточни изјави уште еднаш се потврди тоа.

Вистината е една, а тоа дека настанот за одбележување на Денот на полицијата се случи пред 12 дена. На истиот присуствувале половина од припадниците на Единицата за брзо распоредување и вежбата што беше изведена е дел од секојдневните задачи и обврски на оваа единица. На самата вежба полициските службеници, односно припадниците на ЕБР на себе носеа потребна заштитна опрема и ја почитуваа пропишана дистанца за целосна превенција и заштита од коронавирусот.

Воедно напоменувам дека МВР беше првата институција која набави опрема за своите припадници и која до денес е ставена на нивно целосно располагање. Здравјето и животот на вработените во МВР е најважен приоритет за мене како министер за внатрешни работи.

Дополнително, на крајот ќе ја прашам мојата колешка во Владата, ако толку многу е загрижена за припадниците на полицијата и армијата, зошто до сега не иницира бонус плата за припадниците на МВР и АРМ кои се во првите редови во справувањето со коронавируот? Или пак таа загриженост е видлива само кога е во интерес на исполнување на дневнополитичките цели и агенди на владејачката партија.
Навистина е грубо и некоректно, политичките поени или сопствениот пи-ар да се градат со груби невистини поврзани со здравјето и животот на полициските службеници, стои во демантот на Чулев во кој не е јасно што демантира.

Шекеринска набргу му одговори на Фејсбук.

„Наќе Чулев го згреши демантот. Од нервоза. Кога виде дека не го бранат ни неговите партиски колеги, кога виде дека “го пушта низ вода” потпретседателот на неговата партија, Николовски, во брзањето ги измеша демантите.Реши да го демантира тоа што не е кажано.

Јас не реков дека припадниците на МВР се заразиле на прославата на МВР, туку дека четворица од припадниците на МВР кои биле на прославата денеска се позитивни на КОВИД 19. Тоа само потврдува дека собирањето на повеќе од 50 лица на едно место, кога сите собири се откажаа поради заразната болест, е врвна неодговорност и ставање на припадниците на МВР и гостите во ризик.

На ова ниту ДПМНЕ ниту Чулев немаат демант. Ова неодговорно однесување покажува колку не се грижат за здравјето на граѓаните, ниту за своите колеги“, стои во статусот.