Чулев го обвини Спасовски дека ја попречувал работата на техничката влада


Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, денеска пред Јавното обвинителство изјави дека  техничкиот премиер Оливер Спасовски ја попречувал работата на техничката влада, па постојат сомненија за кривично дело фалсификување на службена исправа и злоупотреба на службената положба и овластување. Тој го повика ОЈО веднаш да преземе дејствија за обезбедување на доказите и да спроведе истрага, во спротивно, како што изјави, „ќе биде директно одговорно за неказнетото фалсификување на одлука на Владата“.

Ова тој го образложи со толкување на настаните поврзани со седницата на Владата во саботата на 15 февруари: „На седницата на Владата последна на гласање беше ставена точката за поништување на пет решенија донесени од моја страна за распоредување на вработени во МВР. Со мнозинство гласови Владата во десет минути пред полноќ го усвои предлогот да се поништат пет решенија. Нејасно е како оваа одлука експресно во координација со дел од службата во Владата и со одобрување од Оливер Спасовски е објавена во ‘Службен весник’ бр.41 од 15.02.2020 година, каде покрај петте решенија чие поништување беше изгласано, се најдоа дополнителни 124 решенија за распоредување и еднанаредба за извршување на работа и работни задачи. Овие решенија воопшто не биле предмет на разгледување на членовите на Владата, ниту е донесена одлука за нивно поништување.

Имајќи предвид дека ситуацијата налага итно преземање дејствија со цел да се спречи бришење, уништување или прикривање на докази, го повикувам ОЈО веднаш да преземе дејствија за обезбедување на доказите и да спроведе истрага, во спротивно ќе биде директно одговорно за неказнетото фалсификување на одлуката на Влада“, изјави Чулев.