Чулев го обвини поранешниот директор на РЕК Битола за изнуда


Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев обвини дека поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски и раководството вршеле изнуда врз фирма која се јавила и добила тендер. Причината за притисокот, според Чулев, е политичка позадина бидејќи како што кажа, на местото на фирмата која го добила тендерот било присилно барано да застане фирма блиска до СДСМ.
„По информациите од Одделот за сериозен криминал и корупција поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски заедно со дел од раководството согласно пријавата вршеле изнуда врз фирма која добила тендер за ископ на јаловина. Се работи за реномирана фирма која се јавила на тендерот и го добила, но директорот и раководството им вршеле притисок и изнуда со цел договорот да биде отстапен на друга фирма, подизведувач, која ниту имала капацитет, ниту има механизација, но е блиска до СДСМ”, рече Чулев.

 

Ваквата понуда била одбиена, но притисокот и натаму продолжил, па МВР случајот го предало на надлежното обвинителство.

„Со оглед дека одговорните лица од правното лице кое што го добило тендерот ја одбило оваа изнуда, притисокот продолжил при што бил побаран поткуп од 250 илјади евра. Но било укажано дека ако не биде даден поткуп или не се отстапи просторот на другиот подизведувач, фирмата ќе се соочи со опструкции да не може да го реализира склучениот договор. Фирмата не ги прифатиле двете можности и се реализирало црното сценарио, за на крај еднострано од РЕК Битола еднострано е раскинат договорот и активирана е банкарската гаранција. Фирмата поведува граѓанска постапка и барањето за обесштетување е 1 милион евра. Се работи за голема сума за обесштетување како на РЕК Битола, така и на Буџетот. За жал од страна на ЕЛЕМ каде имале состанок не го пријавиле случајот. МВР поднесе известување до ОЈО и бараме од надлежното обвинителство да го реши случајот”, додаде Чулев.