Чулев формирал ривалски синдикат во МВР


Фото: Б. Грданоски

Македонскиот полициски синдикат ја повика Владата да го поништи, според нив, штетниот и противзаконски договорот што го потпишал министерот Наќе Чулев со новоформираниот синдикат, бидејќи е спротивен на член 46 од Законот за Влада и Колективниот договор на МВР. За овој потег на министерот тие ги известиле сите релевантни институции во ЕУ и во Макеоднија.

-Македонскиот полициски синдикат, како ЕДИНСТВЕН РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН СИНДИКАТ кој има кредибилитет, стручност, искуство и целосно право да ги застапува интересите на своите членови вработени во МВР, Агенција за разузнавање, Агенција за национална безбедност и Управа зафФинансова полиција, е синдикат во кој членуваат повеќе од 8.500 членови и истиот пред една недела одбележа 29 години од своето постоење. На меѓународно ниво Македонскиот полициски синдикат е рамноправен член на ЦЕСП – Совет на Европски полициски синдикати во кој членуваат повеќе од 400.000 илјади полициски службеници од цела Европска унија и пошироко.

Изминативе месеци поминавме тежок и напорен период во кој се поставивме единствено во интерес на граѓаните и државата, онака како што доликува на припадници на Министерството за внатрешни работи.Во овој период на техничка влада се соочивме со многу невообичаени и несекојдневни ситуации. Добро се сеќаваме на кризните ситуации кои за малку што не ескалираа а беа предизвикани од инсистирањето по секоја цена да се направат кадровски промени во Министерството. Со наша помош и залагање ова се реши, но како награда за нашето залагање на последната средба што ја имавме кај министерот во неговиот кабинет во март добивме директна закана дека доколку не прекинете да го напаѓате министерот и неговиот тим, ќе ви формираме трет синдикат и нема да броите 8.500 туку ќе ве направеме на 4.000 членови и за кратко време целосно ќе ве снема од синдикалната сцена“.

Но, тензиите не стивнаа и понатаму. Се направија кадровски промени на сите комисии во МВР и БЈБ и тоа повторно без дијалог. Советници кои не припаѓаат на Бирото за јавна безбедност и се дел од политичките кабинети се појавуваа во организациски единици за кои не се надлежни и сееја страв и закани кон вработените и сето тоа создава збунетост кај нашите колеги. На сето ова ние како Македонски полициски синдикат реагиравме и баравме прием кај министерот Чулев, но истиот не игнорираше и наместо прием се соочувавме со бројни индиректни закани кон нас и кон нашите преставници широм републиката.

За жал, заканата што ја добивме во кабинетот на министерот Чулев истите започнаа да ја исполнуваат со регистрирање на нов синдикат на 29 април во Министрството за труд и социјала и упис на истиот на 13 април во Централен регистар, за да на 2 јуни со договор спротивен на законските прописи во Македонија и колективниот договор на МВР ја крунисат соработката со истиот, стои во реакцијата на Синдикатот.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, исто така тврди дека инспектори на полицијата неоправдано присуствувале на средби на највисоките тела на синдикатите, што според нив е недопустливо. Димовски вели дека два пати бил викнат во полициска станица поради наводна кривична пријава против него, иницирана како што вели од поранешниот претседател на ССМ, Живко Митревски и Чулев.

Министерот Чулев преку статус на ФБ ги негира обвинувањата и тврди дека се мотивирани од политички цели.