Чудо во Колумбија: Четирите деца од авионската несреќа најдени живи по 40 дена во џунглата во Амазон

Домородните деца, меѓу кои едно беше старо само 11 месеци, преживеале користејќи го знаењето на предците и храната фрлена од спасувачите


Домородните деца и нивните спасувачи

 

Неухранети и покриени со каснувања од инсекти, четири домородни деца беа спасени живи од колумбискиот Амазон во петокот попладне, 40 дена откако авионот со кој патуваа се урна во џунглата.

Во извонреден подвиг на издржливост, децата преживеаја силни бури во еден од најнегостопримливите делови на земјата, дом на грабливи животни и вооружени групи.

„Тие ни дадоа пример за целосен опстанок кој ќе остане запишан во историјата“, рече колумбискиот претседател Густаво Петро, нарекувајќи го „Радост за целата земја!“

Четирите браќа и сестри, на возраст од 13, девет, четири, плус 11-месечно бебе, беа од домородните заедници Хуито. Иако неухрането, ниту едно од децата не беше во тешка состојба, дури и најмалото дете, кое својот прв роденден го помина во џунгла.

Се смета дека тие преживеале јадејќи комплети храна за преживување, фрлени во џунглата од страна на тимот за пребарување, но образованието што го добиле од нивната баба, исто така, можеби било од витално значење, рече Џон Морено, домороден водач од блискиот Ваупес.

„Ова е девствена шума, густа и опасна… и тие го искористиле знаењето што го стекнале во заедницата, знаењето на предците, за да преживеат“, изјави тој за локалниот медиум „Камбио“.

Децата се транспортирани во градот Сан Хозе де Гуавијаре на здравствени проверки и психолошки проценки.

Четворицата браќа и сестри се наоѓале во авионот „Цесна 206“ кој летал од градот Сан Хозе де Гуавиаре до Аракуара, во провинцијата Амазонас утрото на 1 мај, кога неговиот пилот издал тревога поради дефект на моторот.

Две недели подоцна, авионот беше пронајден со носот заринкан длабоко во почвата на џунглата, 175 километри јужно од Сан Хозе де Гуавиаре. На местото се откриени три возрасни тела, вклучувајќи го и она на 33-годишната мајка на децата, но без трага од децата.

Во деновите што следеа се појави трошка надеж. На околу 500 метри од местото на несреќата, тимовите за пребарување пронајдоа стапалки, џвакано овошје и користени пелени. Спасувачките напори, наречени Операција „Надеж“, беа брзо засилени, на крајот опфатија 150 војници и 200 волонтери од локалните домородни заедници, како и тим од 10 белгиски овчарски кучиња, на површина од над 323 квадратни километри. Продолжува потрагата по Вилсон, едно од кучињата, кое исчезнало за време на операцијата.

Тимот за пребарување изврши повеќекратни обиди од воздух, прикачувајќи звучник со долг дострел на хеликоптер на кој пуштија порака од бабата на децата, на јазикот Хуито, во која им кажа дека потрагата е во тек и да останат таму каде што се.

Паднатиот авион во којшто загина и нивната мајка

Меѓутоа, децата беа во движење – беа пронајдени со стапалата завиткани во ленти – и тоа ја комплицираше потрагата. Првичните надежи да се најдат живи децата брзо се намалуваа. Тимот за пребарување наиде на напуштени кампови на бунтовнички групи, а дел од тимот за пребарување се повлече поради прекинот на огнот со друга група во регионот. Бројот на летови беше намален и комбинираната командна станица во Сан Хозе де Гуавијаре беше распуштена.

Но, два дена пред нивното откривање, бригадниот генерал Педро Санчез рече дека сè уште верува дека децата се живи и дека тешкотијата да ги најдат се должат на нивното движење низ шумата. „Ова не е игла во стог сено, тоа е мала болва во тепих, бидејќи тие продолжуваат да се движат“, изјави тој за локалниот печат, „но ако, не дај Боже, беа мртви, веќе ќе ги најдевме“.

Децата беа пронајдени неухранети и искасани од инсекти

Околу 17 часот во петокот, армиското радио затресе со извици „Чудо! Чудо! Чудо! Чудо!“ Група од 10 војници и осум домородни доброволци открија нови траги и ги следеа до местото каде што децата беа на чистинка.

Во петокот, војската твитна слики на кои се гледа група војници и доброволци кои позираат со децата, кои беа завиткани во термални ќебиња. Еден од војниците држеше шише до усните на најмалото дете.

Во петокот, откако потврди дека децата биле спасени, претседателот Петро рече дека некое време верувал оти децата биле спасени од едно од номадските племиња кои сè уште талкаат по оддалечениот дел од џунглата каде што паднал авионот и имаат мал контакт со властите.

Но Петро додаде дека децата прво ги пронашло едно од кучињата спасувачи кои војниците ги однеле во џунглата. Тој рече дека се надева дека ќе се сретне со децата во сабота.

„Џунглата ги спаси“, рече Петро. „Тие се деца на џунглата, а сега се и деца на Колумбија“. (Според агенциите)