Чудо: Албанци останале без работа во јавната администрација
Пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи запраша денес од собраниската говорница „како да им се помогне“ на околу 80 Албанци вработени во јавната администрација со договор на дело, чии договори истекле во декември 2020 година и не им се продолжени за време на пандемијата.
На прашањето одговори премиерот Зоран Заев потсетувајќи дека една од мерките беше јавната администрација 50 проценти да седи дома, па да се менуваат на една недела или слично, а договорите што завршуваат во која било институција, да не се продолжуваат таму каде што нема потреба од тие вработени.
– Отпуштање од работа на некој што има засновано работен однос и договор за работа никаде не се случило, освен ако го прекршил Законот за работни односи и има соодветни причини. Точно е дека за време на пандемијата огромен број на новоотворени или испразнети места не се пополенти за да може голем пакет од тие пари да одат за поддршка на последиците од пандемијата. Ќе продолжиме така се додека не видиме дека пандемијата го губи темпото. За вработување секогаш сме се грижеле рамноправно, да гледаме да се запазат само законски обврски, пред се етничкиот дел, но најчесто критериуми да бидат квалификуваност и образование. Некои места бараат години практично искуство, а ако некаде сме испратиле порака за отпуштање од јавната администрација, тоа исклучиво е таму каде што договорите завршиле, образложи премиерот Заев.
Тој, меѓу другото, додаде дека се прави рационализација секаде каде што може да се направи, со цел да се обезбедат дополнителните пари за поддршка на сиромашните граѓани, на работниците, на стопанството и на економијата.
– Верувам дека државата ќе биде соодветен работодавач во постковид периодот, се надевам искрено дека по сите очекувања тоа ќе се случи во летниот период, но најголем работодавач кај нас се приватните компании. Верувам дека се поголем дел од граѓаните ќе се определуваат за плата од 22 и 24 илјади денари со средно школо, кои во просек ги нуди приватниот сектор, наместо 14.500 или најмногу 18 илјади денари, колку што се во јавната администрација просечните плати со средно образование. Тоа дополнително значи дека младите луѓе и сите кои прв пат бараат работа треба да тежнееме доминантно да се вработуваат во приваниот сектор, рече меѓу другото премиерот Заев.
Одговарајќи на второ прашање на истиот пратеник „зошто не се одобрува решение за градба на џамија во Аеродром – Лисиче, Заев рече дека според нашите закони должност на општината е да издаде одобрение за градба на џамии и верски објекти, ако има локација за таква намена.
Премиерот Заев одговори дека прв пат слуша за проблематиката, но додаде дека за детали ќе се обрати до министерот за транспорт и врски.
– Ако дозволите по разговор со градоначалникот ќе ви доставам и писмен одговор, а согласно тоа, потоа стојам на располагање да дадам и дополнителни објаснувања ако се јави одреден вид проблематика, што би требало да биде како решение за потребата на граѓаните, рече Заев.