Чудни факти: Русија „освојува“ исти села по три пати и уништува повеќе оружје отколку што има Украина
Руската публикација „Проект“ ги анализираше сите изјави на претставникот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков од почетокот на војната и откри недоследности во нив, особено поврзани со редоследот на заземањето на украинските територии и количината на украинска опрема наводно уништена од Русија.
Како што забележаа новинарите, Конашенков најмалку двапати пријавил за преземање контрола врз 25 населени места. Четири пати беше објавено за заземање на градот Кременаја, три пати – за заземање на населбите Боровенки, Тарамчук и Новомајорска. Понекогаш во соопштенијата за печат се наоѓаа и непостоечки топоними – на пример, „Павлоградска област“ од соопштение за печатот од 17 април.
„Проект“, исто така, го забележува фактот дека руското Министерство за одбрана за време на војната пријавило уништување на 84 „бајрактари“, што е околу дваесетина повеќе од официјално познатиот број на овие беспилотни летала во Украина. Бројот на наводно уништени оклопни возила (3.800) значително го надминува нивниот број не само на почетокот на војната (според руските проценки, 2.416), туку и земајќи ги предвид можните испораки од Западот за време на конфликтот (околу 700).
Новинарите посочуваат на често сретнуваната формулација за „области на акумулација на жива сила и опрема“ и „упоришта“ на украинските војници – во првите сто дена од војната, Руската Федерација извести за уништување на 39.000 такви објекти. „Проект“ не знае што точно се подразбира под овој термин, но забележува дека вкупниот број на уништена опрема, според соопштенијата за печатот, е многу помал – 9.715 единици, а бројот на загинати украински воени (очигледно претерани) – 40 илјади луѓе.
Така, на секое уништена „акумулација на жива сила и опрема“ и „упориште“ според логиката на Министерството за одбрана, во просек имало по еден загинат војник и четвртина опрема, заклучува „Проект“.