Чудни бројки: За три години 1.800 судски случаи за обештетување на угината стока од дивеч во Битолско

Обвинителството води истрага дали некој ги лажира наводните напади на мечка на стока и каква е шемата за измамата


Наводно, една иста крава била наведувана неколкупати дека била убиена од мечка

 

БИТОЛА – Сточари од битолскиот крај добиле обесшетување во стотици и стотици предмети за угинати домашни животни од дивеч, покажуваат бројките кои „Независен“ ги доби официјално од Основниот суд во Битола. Голема афера го тресе сточарството во Битолско за угинати говеда и пчели од мечка инволвирани во незаконски шеми за добивање отштета од државата за кои и Обвинителството од Битола покрена истрага, а полицијата се вклучи во истражување на наводните измислени напади.

Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски на прашање на „Независен“ вели дека ќе се испитува дали можеби и „сточарите биле изманипулирани од одредени структури“.

Сточари од битолскиот крај укажуваат дека поединци, фармери од битолски села вдолж македонско–грчката граница, по разработени шеми црпат илјадници евра надомест на штета од државата. Наводно, некои фармери една иста крава ја прикажуваат како да ја изела мечката, а сточари со кои разговараше „Независен“, велат дека од мршата на едно угинато говедо ќаруваат повеќе сточари, кои се од исти крај, село или се роднински поврзани. Исто така има индиции дека се лажираат случаи на нападнати  пчелни семејства од мечка, со шепа од препарирана мечка.

Од Основниот суд во Битола со бројки потврдуваат дека според АКМИС системот низ судот за надомест на штета на сточари од угината стока од дивеч за последните нецели три годинi поминале 1.800 предмети.

„Вкупниот број на предмети поведени по тужба против РС Македонија за надомест на штета за 2022 година изнесува 596 предмети, за 2023 година 861 предмет, додека за 2024 година, од почетокот на годината заклучно до 31 август, се регистрирани 334 предмети“, потврдуваа од Основниот суд во Битола за „Независен“, наведувајќи дека не можат да издвојат колку од наведениот број на предмети биле за угинати крави од мечка, бидејќи системот не врши таква селекција.  

Од Судот објаснуваат дека според Законот за дивеч и ловство од декември 2023 година, постапките за штети од дивеч започнуваат со поднесување на барање до тричлена комисија составена од вработени во МЗШВ која ја формира министерот кој има рок од 3 месеци да одлучи за барањето на оштетениот. Против одлуката на министерот, или по истекот на рокот за донесување на одлука, оштетениот има право да поднесе тужба до надлежниот суд.

Од судот во Битола не прецизираат колкави биле износите на обесштетување за сточарите, иако фармери велат дека за една угината крава од мечка надокнадата е околу 5.000 евра.

„Пред стапувањето на сила на Законот за дивеч и ловство, постапките се поведуваа по тужба директно до Основниот суд Битола, против РС Македонија по изготвено вештачење од вештите лица се определува износот кој ќе биде досуден за секое угинато животно. Не може да се даде просек од висината на надоместокот за штета бидејќи секој случај е засебен, а има и случаи кога тужбените барања биле делумно усвојувани“, велат од Судот во Битола.

Од Основното јавно обвинителство – Битола веќе потврдија дека постапуваат по укажување од Основниот суд во Битола, бидејќи според процедурата на обештетување, судот е инстанцата која носи одлуки за секој еден предмет.

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, запрашан за аферата вели дека како министерство прибираат докази за повеќе случаи за злоупотреби во ресорот со сериозни индиции и дека нема да има „бели мечки“, туку секој ќе одговара за докажаните злоупотреби. 

„Во министерството ќе се водат постапки и за дел од вработените од самото министерство што го злоупотребиле законот, не навлегувам дали тоа било намерна или ненамерна грешка, прекршен е законот. Сточарите можеби биле изманипулирани од одредени структури затоа во детална проверка ќе утврдиме лична одговорност и ќе следи соодветна пријава“, рече Трипуновски на прашање на „Независен“.

Од Министерството за земјоделство додаваат дека „за дел од предметите за кои имало сомневање на злоупотреба (со оглед на тоа дека сѐ почести барањата за штети од заштитен дивеч од страна на сточарите), а поради заштита на буџетот на РС Македонија, МЗШВ се обраќа до Државното правобранителство кое понатаму детално ги проследува предметите“.