„Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар го затвора фестивалот РУТА


 

Фестивалот „РУТА група Триглав“ (Регионална унија на театри), кој во Скопје се одржува од 14 октомври, вечер ќе заврши со изведба на претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар – Скопје, во режија на Зоја Бузалковска.

Тоа ќе биде 10-та изведба на претставата која премиерно беше изведена на крајот на минатата година. Автор на драмскиот текст е Сајмон Стивенс, кој во 2012-та го адаптирал популарниот истоимен роман на Марк Хадон од 2003 година.

Режисерката Бузалковска денеска на прес-конференција рече дека текстот е доста атрактивен и многу наградуван и е комплексна приказна за другоста и различноста. Раскажува за 15-годишниот Кристофер – математички гениј кој има нарушување од аутистички спектар.

– Но, само тоа не е суштината на оваа претстава, туку воопшто перцепцијата за другиот, стереотипот, предрасудата за тој кој е различен од тебе. Од друга страна, една крајно забавна приказна, со многу комично во неа и затоа е десетина години хит, и во Англија и во Америка, рече Бузалковска.

Претставата е сложена и во структурата зашто од десет актери, четворица играат по еден лик, а шестмина по девет до десет лика. Посебна е и по движењата на сцената и фриранингот (free running) за што актерите поминале напорни тренинзи и пред секоја изведба треба да бидат кондициски подготвени. За кореографијата и фриранинг техниката работеле со Симон Симоновски.

– Еден мачен процес во таа смисла, но од друга страна забавен и вдахновувачки. Има речиси филмски јазик на раскажување на приказната и брз премин од еден во друг простор, од една во друга ситуација, од едно време во друго…, рече Бузалковска.

Ликот на Кристофер го игра Дамјан Цветановски, кој на прес-конференцијата истакна дека темата што ја обработува текстот – толерантноста и различностите меѓу луѓето,  е премногу потребна во нашето општество и дека романот на Хадон е вклучен во наставната програма за учениците во Велика Британија.

Во актерската екипа се и Трајанка Илиева-Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска. Сценограф на претставата е Константин Трпеноски, костимографи се Елена Вангеловска и Раде Василев, автор на музиката е Давид Ангелевски.

На сцената на Драмски театар во рамки на фестивалот „РУТА група Триглав“ во изминатите пет дена гостуваа театрите: Улисис, Београдско драмско позориште, Месно гледалишче од Љубљана, Градско позориште од Подгорица и Камерен театар 55 од Сараево.