Чу Донгју е реизбран за шеф на Агенцијата на ОН за храна и земјоделство


Photo: © FAO/Giuseppe Carotenuto

Генералниот директор на Агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), Чу Догиу, првиот Кинез на таа позиција, беше реизбран за шеф на таа агенција на ОН со седиште во Рим, која се бори против гладта ​​во светот.

Чу беше единствениот кандидат и беше реизбран за четиригодишен мандат со 168 гласови на тајно гласање на министерската конференција на организацијата, која се одржува секоја втора година, се вели во соопштението на ФАО.

Неговиот нов мандат трае од 1 август годинава до 31 јули 2027 година.

Чу (59) беше заменик-министер за земјоделство на Кина пред да ја преземе функцијата шеф на агенцијата на ОН во 2019 година. Неговиот избор во првиот круг во тоа време се сметаше како знак за интересот на Кина за прашањата за храната, како и за одговорните функции во меѓународните тела.

По професија е биолог, специјалист по растенија и генетика, доктор на науки од Земјоделскиот универзитет во Вагенинген од Холандија, кој важи за еден од најдобрите европски универзитети во оваа област.

Во 2019 година Чу го наследи Бразилецот Хозе Грацијано да Силва (Хозе Грацијано), кој имаше два мандати.

Генералните директори на ФАО можат да служат најмногу два последователни мандати.