Членови на ВМРО-ДПМНЕ сведочеа дека некој во нивно име уплатувал донации за партијата


Илустрација

Кичевецот Наќо Николов, вработен во Р.Е.К. “Осломеј”, член на ВМРО-ДПМНЕ од 1990 година денеска пред судскиот совет во случајот „Титаник” изјави дека никогаш во банка не уплаќал пари за партијата.

– Секогаш сум донирал сретства за партијата. Парите сум ги донирал на лице кое работи во Општинскиот комитет во Кичево. Додека не бев повикан во СЈО не знаев дека на мое име има уплатница во износ од 60.000 денари за партијата. Јас никогаш не сум донирал толку пари наеднаш – рече сведокот Николов.

Тој потврди дека на уплатницата која му била дадена на увид и на која е напишано неговото име, ракописот не бил негов.

На прашања поставени од одбраната на обвинетите и од самите тие, сведокот потврди дека на месечна основа во одреден период околу 500 лица уплаќале месечна чланарина за ВМРО-ДПМНЕ во Кичево.

Вториот сведок на ОЈО, пензионерот од Куманово и член на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Тричевски пред судскиот совет изјави дека тој никогаш во животот не донирал пари за некоја политичка партија.

– Во Обвинителството ми беше покажана уплатница на мое име, со мој потпис. Кога ја видов уплатницата се вознемирив, но и сега сум револтиран – изјави сведокот.

Тој нагласи дека само еднаш бил повикан во Обвинителството, а никој во Куманово не го повикал да го распраша за уплатницата, а не ја ни знаел сумата која била наведена.

– Никогаш не сум донирал пари за политичка партија. Не ми е познато дека на мое име во 2013 година биле донирани пари за ВМРО-ДПМНЕ. Своевремено во СЈО ми беше покажана уплатница на мое име, но ракописот на истата не беше мој – изјави сведокот Ненад Перучанин.

Меѓу главните обвинети за овој случај се поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, екс-пратеникот Илија Димовски и други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.Според обвинението поднесено од поранешното СЈО, обвинетите се осомничена за кривичните дела повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.