Членките на СЗО поддржаа независна истрага за пандемијата


Членките на Светската здравствена организација (СЗО) – 194, вклучувајќи ги САД и Кина, денеска усвоија резолуција за независна проценка на одговорот на агенцијата на ОН за пандемијата  на новиот коронавирус.

Текстот беше усвоен со консензус и предвидува побрзо започнување на непристрасна, независна и целосна проценка на меѓународната акција иницирана поради пандемијата, со цел подобрување на глобалниот капацитет за превенција, подготовка и одговор на пандемија.

Таа проценка треба внимателно да ги испита мерките преземени од СЗО поради пандемијата на Ковид-19 и нивната хронологија.

Претходно Европската унија ги повика сите земји да ја поддржат Светската здравствена организација, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го прекине финансирањето за оваа организација на ОН.

Портпаролката на Европската комисија Вирџини Бату Хенриксон изјави дека глобалната соработка е единствената ефикасна и одржлива опција за пораз на вирусот Ковид-19.

– Ова е време за солидарност. Не е време да се покажува со прст или да се поткопува мултилатералната соработка, рече таа.