Бектеши и директорот на АД ЕСМ ги запознаа членките на Стопанската комора за снабдувањето со енергенси


 

Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски денеска оствари работен состанок со компании – членки на Стопанска комора на Северна Македонија, информираат од Министерството за економија.

Состанокот го водел Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија, а свое излагање имал и Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) во рамки на Стопанската комора.

На состанокот биле разменети ставови, мислења и предлози околу справувањето со енергетската криза, за состојбата со снабдување со енергенси, како и очекувања за движење на цената на електричната енергија на берзите. Тема на разговор биле и ефектите од донесените одлуки и мерки на Владата.

Министерот Бектеши потенцирал дека Владата во изминатиот период од почеток на енергетската криза континуирано носи мерки за непречено и безбедно снабдување со енергенси за домаќинствата и малите потрошувачи.

Тој, како што известуваат од Министерството за економија, ги информирал компаниите дека по последната најава за прекин на снабдувањето со гас од дистрибутерот „Макпетрол“, се преземаат мерки за да се обезбеди непречено снабдување со природен гас и за потребите на топланите, но и за потребите на компаниите кои го користат овој енергенс.

-Разговараме за изнаоѓање на решение за дистрибуција и снабдување на гас за граѓаните и бизнисот, кажал Бектеши.

Министерот за економија, исто така информирал дека се прават последните калкулации за цената на електричната енергија за регулираниот пазар од почетокот на следната година и уште еднаш кажал дека нема да има драстично зголемување на цената на струјата кај домаќинствата, а кај малите потрошувачи може да има и намалување на цената на електричната енергија.

Бектеши изразил задоволство од големиот интерес за изградба на фотонапонски централи од страна на компаниите за сопствена употреба, и нагласил дека има зголемен интерес и од страна на домаќинствата за поставување на фотоволтаични панели.

-Има голем интерес д страна на инвеститорите за инвестиции во фотонапонски централи. Тоа ќе значи зголемено производство на електрична енергија од обновливи извори, што беше и наша цел, рекол Бектеши и потенцирал дека и во наредниот период Министерството а економија и Владата ќе продолжат да работат на олеснување на постапките и процедурите за реализација на инвестиции во зелена енергија.

-Компаниите на средбата понудија свои предлози за поддршка поради скапите енергенси за што беше договорено во следниот период да достават конкретни предлози до надлежните институции, соопштуваат од Министерството за економија.