Членките на ЕУ постигнаа договор: Цената на електричната енергија ќе биде помалку зависна од цените на фосилните горива


Министрите на земјите членки на ЕУ задолжени за енергетскиот сектор постигнаа договор околу предложените измени на Правилата за регулирање на пазарот на електрична енергија на Унијата, врз основа на кој претседавачот со Европскиот совет ќе ги започне преговорите со Европарламентот за конечната верзија на текстот на измените, соопшти синоќа шпанската вицепремиерка и министерка за еколошка транзиција и демографски предизвици Тереза Рибера Родригез.

– Со гордост можам да кажам дека направивме стратешки чекор напред за иднината на ЕУ. Постигнавме договор кој беше незамислив до пред само неколку години. Благодарение на овој договор, потрошувачите низ ЕУ ќе можат да имаат корист од многу постабилни цени на енергијата, помала зависност од цената на фосилните горива и подобра заштита од идни кризи, изјави Рибера Родригез.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, шпанската министерка потенцира дека со измените на Правилата за регулирање на пазарот на електрична енергија ќе се зголеми користењето на обновливите енергетски извори и ќе се овозможи поевтина и почиста енергија за европските граѓани.

Примарна цел на реформата е да се обезбеди цената на електричната енергија да бидат помалку зависна од цените на фосилните горива, со што би се заштитиле крајните потрошувачи од ценовни скокови, како и да се поттикне поголемо користењето на обновливите енергетски извори.

Со предлогот се предвидува заштита на пазарот на електрична енергија од манипулации преку зајакнат мониторинг согласно Регулатива за интегритет и транспарентност на енергетскиот пазар на големо (РЕМИТ), која беше утврдена на заседанието на Советот за транспорт, телекомуникации и енергија на ЕУ во јуни годинава.

За обезбедување на долгорочна стабилност на пазарот на електрична енергија се предвидува можност за постигнување договори за фиксна цена за набавка на струја, врз основа на кои разликата во цените над договорената би се покривала до државни извори, а средствата остварени како приход кога цените се пониски од гарантираната, би се користеле за јавни инвестиции во нови капацитети за производство на електрична енергија од ветер, сонце, геотермални извори, хидроцентрали без акумулации и нуклеарни реактори или пак за намалување на трошоците за електрична енергија за крајните потрошувачи.

Во првичниот предлог на измените можноста за инвестирање во капацитети за производство на електрична енергија не беше ограничена само на нови постројки, што предизвика стравување во Германија дека тоа ќе и овозможи на Франција да нуди договори за продажба на струја по фиксни цени од нејзините бројни атомски централи и потоа да го користи вишокот на приходи за субвенционирање на постојниот нуклеарен енергетски сектор. Ова предизвика несогласување на релација Берлин-Париз и доведе до поделба на два табори во ЕУ, при што земјите од централна и источна Европа кои и самите имаат амбиции за сопствена нуклеарна експанзија ја поддржа Франција, зад Германија застанаа држави како Белгија, Данска, Луксембург и Австрија.

Усогласеното решение е компромисен предлог на Шпанија во својство на актуелен претседавач на ЕУ, со што се оневозможуваат државни инвестиции во постоечките нуклеарни централи.

Со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија на среден и долг рок, со утврдениот договор се овозможува отстапување од барањата за ограничување на емисиите на јаглерод диоксид од енергетските капацитети до 31 декември 2028 година.

Како мерка за заштита на потрошувачите од варијациите на цените на пазарите на електрична енергија на големо се воведуваат построги правила за добавувачите и се предвидуваат посебни олеснување на ранливите категории граѓани.

Со сегашните правила, се дозволува примена на регулирани цени на струјата за ранливите и за семејствата во енергетска сиромаштија, како и за микропретпријатијата, а со измените вакви цени се предвидуваат и за малите и средни претпријатија во време на енергетска криза.

Со измените, енергетска криза може да се прогласи доколку се очекува многу повисока цена на електричната енергија на големо од просечната во период од најмалку шест месеци, а за малопродажната цена за период од најмалку три месеци.

Договорениот заеднички став на земјите членки ќе претставува основа за преговори на Советот на ЕУ со Европскиот парламент за утврдување на конечната верзија за реформата на Правилата за регулирање на пазарот на електрична енергија во ЕУ.