Членките на ЕУ поделени околу францускиот предлог


Некои земји членки ја изразија својата поддршка, а другите се воздржани кон идеите на Париз, велат во Советот на ЕУ.

Претседавачот со Советот на ЕУ, Тити Тупураинен, изјави дека министрите на Унијата на состанокот во Брисел разговарале за општата состојба во областа на политиката за проширување и европската перспектива на Западен Балкан.

Иако во Брисел немало конкретна расправа за францускиот предлог за реформа на политиката за проширување, некои земји членки ја изразиле својата поддршка, а другите резерва кон идејата на Париз, велат во Советот.

„Немаше заклучоци, но идејата да се испрати јасна порака за нашата посветеност кон политиката на проширување и земјите од Западен Балкан. Сите ја поддржуваме европската перспектива на регионот“, рече Тупураинен.

Таа на крајот од состанокот на Советот на ЕУ нагласи дека денешната министерска расправа е почеток на разговорите за новите чекори во политиката за проширување за кои ќе се зборува во подготовките за разговорите на лидерите на ЕУ на пролет 2020. година.

Тити Тупураинен нагласи дека за време на состанокот на министрите не се разговарало ниту гласало за францускиот предлог, иако се сослушани размислувањата на Париз.

„Го слушнавме францускиот предлог и имаше земји кои го поздравија и беа позитивни по тој повод, но и оние кои изразија загриженост и внимателност. На крајот ЕУ ќе биде таа која ќе ги даде предлозите на основа на кои ќе се разговара во Советот“, истакна Тупураинен.

Околу реформите на политиката за проширување, Тупураинен истакна дека се уште нема ниту нова комисија ниту нов предлог за можна нова методологија.

„Се уште е рано да се зборува за можното влијание на поединечни земји на Западен Балкан. Она што го знаеме е дека преговорите за пристапување се одвиваат, а дека Комисијата препорачува отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија“, вели претседавачот со Советот на ЕУ.