Членка на Комисијата за селекција на ДКСК вели дека изборот бил оркестриран

Според Снежана Камиловска-Трпевска имало подобри кандидати на конкурсот, но не биле избрани


 

По објавувањето на ранг-листата на кандидатите за следниот состав на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), членката на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови на Антикорупциската комисија Снежана Камиловска-Трповска информира дека има издвоено мислење по однос на утврдената листа во кое посочува на, според неа, необјективно и оркестрирано гласање на другите членови на Комисијата.

Снежана Камиловска-Трпевска, која беше претставник на граѓанскиот сектор во комисијата (таа е дел од тимот на МЦМС), во дописот вели дека „како претставник на граѓански сектор од областа на демократијата и владеење на правото имам целосно различна перцепција за избраните кандидати, со што јасно се манифестира и ставот на граѓанските организации за идниот состав“.

Според неа, другите членови на Комисијата за селекција „изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето да одговорат на директни прашања за општествени состојби, како процесот на заробеност на државата, високопрофилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 година, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање“.

Таа вели дека имало кандидати кои манифестирале „одлични познавања од областа, подготвеност за директен и недвосмислен одговор и со одлични компетенции кои не беа добро оценети од страна на другите членови, со што им се оневозможи да се борат за позиција претседател и член на ДКСК“, без да посочи кои биле тие кандидати.

Таа наведува дека дописот до медиумите е единствениот правен механизам да го искаже јавно своето издвоено мислењe.

За нови членови на ДКСК се предложени ревизорите Татјана Димитровска, Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во Антикорупциската комисија Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаили, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ. Претседателка во наредните пет години ќе биде Татјана Димитровска.