Ванчо Ѓорѓиев од Историската комисија со Бугарија си поднесе оставка


Членот на Комисијата за историски и за образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија, Ванчо Ѓорѓиев, денеска поднесе оставка. Во своето соопштение, како дел од причините за таквата одлука навел – директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР, двојното водство во македонскиот дел од Комисијата и отстапка од утврдените принципи за консензуално носење одлуки, измени во учебник по историја без негова согласност, отстапка од зацртаните црвени линии од другите членови на Комисијата, а на штета на македонските национални интереси…

Тој на јавноста ѝ соопшти пет причини зошто ја поднесува оставката. Во соопштението тој ја ословува државава како „Република Македонија“ и бара од од другите членови на комисијата да не ја „виткаат кичмата“. Еве ги петте причини што тој ги наведе за оставката.

  1. Во последно време имаше отворени обиди за политичко влијание врз работата на комисијата што кулминираше во текот на првиот работен ден (21.10.2021 година) на  XV редовна средба преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР;
  2. При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година;
  3. Нагласувам дека изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без моја согласност;
  4. Демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29.07.2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси;
  5. Ги охрабрувам членовите на Комисијата кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја „виткаат кичмата“, стои во неговото соопштение до јавноста.

Ванчо Ѓорѓиев е редовен професор на Катедрата по историја на Филозофскиот факултет на УКИМ и го проучува македонското револуционерно движење на крајот на 19. и почетокот на 20. век