Читалната во библиотеката „Браќа Миладиновци“ ќе работи 24 часа


По барање на студентите, работното време на читалната во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе биде 24 часа.

Град Скопје соопшти дека тоа било договорено на вчерашната средба на градоначалничката Данела Арсовска со претставниците на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Ева Цветковска и Вера Палевска.

 

-Цветковска и Палевска во име на студентите побараа да им се овозможи да ја посетуваат читалната непречено 24 часа во денот, односно студентите да не се соочуваат со проблеми од типот на затворени читални секогаш кога тие ќе им бидат потребни. Градоначалничката Арсовска искажа недвосмислена поддршка за нивните предлози и потенцираше дека секогаш ќе биде на располагање за младите со цел реализирање на проектите од нивна корист, информира Град Скопје.