Читајте „Карантински приказни“ и донирајте


Издавачки центар ТРИ го објави печатеното издание на „Карантинските приказни“ за поддршка на македонското здравство. Најоригиналните приказни од пишувачкиот предизвик се објавени во издание, кое ќе биде не само антологија на едно необично време, туку и гласник на хуманоста.

Во него се собрани расказите на докажаните авторски имиња од нашата книжевна сцена, кои застанаа во поддршка на оваа иницијатива и на свој начин даваат придонес за подобрување на колективната состојба. Ова е вистинската книга за сите кои сакаат различните авторски стилови и жанровски форми и истовремено да помогнат со хуманост.

Книгата ќе може да се најде на сите продажни места на Издавачки центар ТРИ по симболична цена, а целиот износ од продажбата ќе биде дониран за здравствена опрема на Клиничкиот центар во Скопје. Во книгата се вклучени авторите : Звездан Георгиевски, Петар Андоновски, Јагода Михајловска-Георгиева, Лидија Димковска, Винка Саздова, Наташа Сарџоска, Билјана Црвенковска, Евгениј Хоуп, Сандра Шаровиќ, Ана Голејшка Џикова, Виолета Танчева-Златева, Брит Лилит, Стефан Марковски, Магдалена Чапаровска и Трајче Кацаров.