Чистка во „Мета“: Закерберг ќе подели 11 илјади откази во „Фејсбук“ и „Ватсап“


Американската компанија „Мета“ на американскиот милијардер Марк Закерберг објави дека ќе отпушти 13 отсто од работната сила, односно 11.000 вработени. Се вели дека тоа е едно од најголемите отпуштања меѓу технолошките компании и прво во 18-годишната историја на технолошкиот гигант.

Во последниве недели, технолошките компании, социјалните мрежи, инвестициските банки и другите големи глобални играчи почнаа да ги откриваат своите планови за намалување на трошоците поради влошените макроекономски услови, во случајот на „Мета“, намалувањето на обемот на онлајн рекламирање.

Компанијата, исто така, планира да го намали дискреционото трошење и да го продолжи замрзнувањето на вработувањата во текот на првиот квартал. Но, тие сè уште не открија конкретен план.

„Мета“ на сите отпуштени работници ќе им исплати 16 недели основна плата плус две дополнителни недели за секоја година стаж, како и целиот преостанат годишен одмор и дел од отпремнината.

Засегнатите работници ќе добијат и акции од компанијата и здравствено осигурување на 6 месеци, објави Ројтерс.