Чии бакнежи на чии кошули: Нова „драма“ во Собранието

Вицепремиерот Бојан Маричиќ, наводно ѝ испраќал воздушни бакнежи на Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ. Маричиќ ги нагира таквите наводи. Седницата за пратенички прашања прерасна во бура


 

Дали вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната собраниска седница ѝ испраќал воздушни бакнежи на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, како што жестоко тврди таа, не успеа да се дознае затоа што телевизиските камери не го покажаа тој момент, ако се случил.

За време на процедуралното обраќање на Стојаноска, откако министерката за труд Јована Тренчовска одговори на прашањето на пратеникот Петар Ристески околу пензиите, ситуацијата наеднаш зовре без да се прикаже зошто. Стојаноска тгврдеше дека Маричиќ ѝ испраќал бакнежи и намигнувал по што седницата за пратенички прашања прерасна во бура.

Потоа, откако беше дадена пауза, Дафина Стојаноска во изјава за медиумите рече дека Маричиќ недолично довикувал. „Вицепремиерот Маричиќ, денес најпрво дофрлаше за да деконцентрира, како и многупати досега, а потоа прејде на безобразно и лигаво гестикулирање, заборавајќи дека е во Собранието, а не во полноќен филм за возрасни. Тој почна да ми изигрува недоличен шармер и одвратен ‘мачо-мен’. Тоа беше многу многу грда слика и сексистичка провокација за секаква осуда“.

Во името на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ таа побара осуда за таквиот однос, а тоа бил „допир со најдлабокото дно на срамот, некултурата и непочитта“.

Брзо потоа вицепремиерот Маричиќ преку Фејсбук ги негираше наводите на Стојаноска:

„Најостро ги демантирам недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска. Со пратеничката ниту сум имал каква било комуникација ниту сум ѝ испратил каква било вербална или гестикулативна порака. Ништо од тоа.

Дефина Стојаноска денеска им нанесе срам на сите пратеници, на цел парламент и пред сѐ на нејзината партија. Сепак, најголемиот срам си го нанесе себеси. Македонските граѓани заслужуваат достојно однесување од своите избраници, а не срамни потези за евтини и партиски манипулации“.

Се огласи и премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека „гоподинот Маричиќ се однесуваше согласно сите етички стандарди во Собранието и има пишан демант на она што се случуваше на парламентарната говорница од страна на една од пратеничките“.

Со поддршка за Стојаноска и осуда на Маричиќ се јавија преку Фејсбук и повеќе пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

По паузата на говорницата излезе поголема група на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ која побара одговорност од вицепремиерот Бојан Маричиќ. Отако тие не го напуштаа просторот околу говорницата потпретседателот на Собранието, кој  ја води седницата, Горан Мисовски, повторно даде пауза.По паузата и даде збор на Стојановска но откако стана јасно дека групата пратеници нема намера да се повлече од говорницата, ја прекина седницата со порака дека не може да дозволи внатрешните расправии во ВМРО-ДПМНЕ, кој е за Груевски а кој против, да ги расчистуваат тука.   

Од седницата за пратенички прашања, така, до 16,30 часот немаше речиси ништо. Само Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ успеа да постави прашања до владини министри. Потоа, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ повторно ја окупираа говорницата, па потпретседателот Мисовски ја прекина седницата. (Н.В.)