Чифлиганец: Не сум барал ништо од лицата на снимката, немало таков разговор

Бизнисменот Ванчо Чифлиганец денеска во писмено соопштение ги негираше наводите изнесени во новите објавени снимки од разговорите меѓу Бојан Јовановски (Боки 13) и Јордан Камчев за случајот „Рекет“.

– Би сакал одговорно да ѝ соопштам на јавноста дека таков наводен разговор во врска
со некакво барање кон едно од лицата што се јавуваат во снимката, се нема случено,
бидејќи, без исклучок, не сум таков човек кој влегува во такви разговори. Мојот животен пристап секогаш бил да помагам на луѓе во согласност со законските прописи. Безпредметно е, дури и попатно споменување на моето име, стои во изјавата на Чифлиганец.

На објавените снимки на весникот „Ла Верита“ се слуша како Камчев вели дека Чифлиганец му барал дуќан за стоматолошки ординации за обвинителката во СЈО, Лиле Стефанова.

Претходно денеска и обвинителката Стефанова, која го води предметот „Империја“ во кој се осомничени Јордан Камчев и Цветан Панделески, во пишана изјава појасни дека во месец август 2018 година, осомничените Камчев и Панделески се обиделе да извршат влијание врз предистрагата, што во тој период била насочена против нив и други лица, користејќи го нејзиното познанство со Чифлиганец.