Четвртоодделенците во Аеродром добија таблети

Четврта година по ред општина Аеродром им доделува таблет уреди на учениците од четврто одделение заради полесен пристап до нови знаења, информации и поквалитетен воспитно – образовен процес. На доделувањето на таблет уредите во основното училиште „Блаже Конески“ денес заедно со градоначалникот Дејан Митески беше и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, која изрази задоволство што овој проект има континуитет и посака да продолжи и во иднина.
„Ова е одличен начин да им се овозможи на сите ученици еднаков пристап до современа информатичка технологија, пристап до онлајн извори на информации и бази на знаења. Сметам дека е особено важна мерка за поддршка за семејствата со пониски примања, кои можеби не можат да си дозволат и да им набават на своите деца ИТ уреди, а секако, ниту еден родител не сака неговото дете во тој поглед да биде различно од другите“, рече Јаневска.
Потенцираше дека и Владата се грижи за осовременување на условите во училиштата подеднакво во сите општини.
Во изминатите неколку месеци набавена е современа ИТ технологија, односно нови компјутери, интерактивни табли и уреди за мрежно поврзување и безбеден пристап до интернет во 80 училишта. Наскоро Владата ќе додели и ваучери за набавка на електронски уред за студентите, во износ од по 15 илјади денари, а знаете дека дигитализацијата на образованието се одвива многу побрзо кога визијата на Владата и на локалните самоуправи се совпаѓаат. Така е во моментов и така треба да биде во иднина“, рече Јаневска.
Градоначалникот Митески е задоволен што оваа мерка е позитивно прифатена од граѓаните на Аеродром. Смета дека на најмладите значително им го олеснува процесот на стекнување знаења и затоа во план е нејзино продолжување. Годинава, информираше Митески дека се доделуваат таблети на 915 ученици во вредност од 6,5 милиони денари.