Четврта изложба за неолитскиот локалитет Церје – Говрлево


Музејот на Град Скопје денеска напладне во Галерија Белогаски ќе отвори изложба „Скопје пред осум милениуми-4: Занаетчии и земјоделци од Церје – Говрлево. Таа е последна од четирите планирани изложби поврзани со неолитскиот локалитет Церје – Говрлево, во кои беа претставени високите дострели во материјалната култура на неолитскиот човек пред осум и седум милениуми.

– За разлика од претходните три изложби во кои беа изложени достигнувањата на зедниците од локалитетот во архитектурата и недвижните објекти, во производството на разновидните керамички садови, како и керамичките, исклучително автентични и различни модели на куќи, жртвеници и фигурини, во оваа, последна изложба, ќе биде претставена материјалната култура поврзана со економијата, еден дел од симболичките предмети, како и предмети чијашто намена е непозната, сите изработени од различни суровини: камен, керамика, животинска коска, школка, заб и друго, соопшти Музеј на Град Скопје.

И годинава, како и на претходните изложби, ќе биде претставено и издание поврзано со неа, во кое се вклучени текстови од повеќе автори, подготвени за оваа пригода.