Четворица вработени во Канал 5 телевизија се во самоизолација


Фото: Б. Грданоски

Претставник на Канал 5 телевизија на денешната прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче, информираше дека четворица вработени во телевизија се во самоизолација заради заболувањето од корона вирус на главниот и одговорен уредник на информативната редакција на медиумот Гоце Михајлоски.

Од телевизијата наведоа дека Канал 5 продолжува да информира професионално и независно и покрај големиот предизвик со кој се соочени во моментов.

Околу тоа дали е направено тестирање на вработените во Канал 5 и каква е препораката на епидемиолозите за оваа телевизија во однос на нејзиното работење, како и за работењето на останатите новинари земајќи ги предвид постојаните средби на колегите, министерот посочи дека епидемиолозите оствариле комуникација со одговорните на телевизија и оти се спроведени интервјуа со сите вработени коишто имале контакт и се сметаат за висок ризик.

– Јас верувам дека и на колегите од останатите медиуми, како и сите други приватни контакти на тие лица за коишто се смета дека се во ризик, се веќе направени интервјуа, или ќе бидат направен во текот на утрешниот ден. Согласно тоа ќе бидат преземени и одредени мерки, доколку има потреба, истакна Филипче, посочувајќи дека за фирмата важат истите пристапи и протоколи како за сите останати.

Тој нагласи дека просториите на Канал 5 телевизија се исчистени според стандардите.