Четворица странски легионери загинаа во Украина, објави Киев

Загинатите од Меѓународната легија за одбрана на Украина се од Франција, Германија, Холандија и Австралија


Погреб на украински војници (Фото: АФП)

 

Украина во саботата ја објави смртта на четворица странски воени доброволци кои се вклучија во борбата против руската инвазија, од кои тројца беа од ЕУ.

„Сакаме да се сеќаваме и да ги почитуваме нашите загинати браќа, кои допатуваа во Украина за да им се придружат на најхрабрите и да се борат рамо до рамо со бранителите на Украина“, се вели во соопштението на Меѓународната легија за одбрана на Украина.

Во соопштението се вели дека доброволците доаѓаат од Австралија, Германија, Франција и Холандија и им се заблагодарува за нивната „крајна жртва“. Во соопштението се идентификувани лицата како Роналд Вогелар, Мајкл О’Нил, Бјорн Бенџамин Клавис и Вилфрид Блериот, но не се наведува времето или околностите на нивната смрт.

Во петокот Париз потврди дека француски државјанин кој се борел во Украина бил убиен во борба, јавуваат француските медиуми.

Легијата беше создадена во раните фази на војната кога Украина се обидуваше да ги засили своите воени сили со странски доброволци подготвени да се приклучат во борбата против Русите.

На својата веб-страница, легијата објави дека меѓу нејзините редови има државјани од Данска, Латвија, Полска, Хрватска, Холандија, Канада, Израел и Велика Британија.