Четворица штипјани се искачија на библискиот врв Арарат


Четворица планинари на  друштвото „Лисец“ –Штип го освоија врвот Арарат во Турција, кој е на надморска височина од над 5.000 метри. Билјана Спаскова, Милорад Ангелов, Тоше Трајчев и Трајче Алексов беа дел од експедицијата, кои се искачија на  библискиот врв. Спаскова, Ангелов и Трајчев  во прес-центарот на МИА во Штип ја раскажаа својата приказна, за оваа планинарска авантура.

Целта им била да освојат два врва Арарат во Турција  и Дамаванд во Иран, но какошто велат од оправдани причини на граница не успеале да влезат во Иран. Ангелов појаснува дека врвот Арарат го искачиле со голема поддршка од најискусниот планинар во експедицијата Трајче Алексов.

Билјана, Трајче, Тоше и Милорад од Штип кон врвот Арарат тргнаа со џип, за 17 дена поминаа 7.000 километри, патувајќи и минувајќи низ неколку земји. Инаку овој врв цели пет години бил затворен за искачување на планинарите.

Ангелов во разговорот во прес-центарот на МИА во Штип ја надополнува дека за нив ова е огромно планинарско искуство, а голема поддршка за сите храбро да се качат на врвот им давал најискусниот планинар Алексов.

-Тој има огромно, прекрасно планинарско искуство, за нас тројцата навистина беше мотор и со неговите совети и со неговите препораки, успеавме сите заедно храбро да се качиме на врвот. Качувањето се вршеше во неколку етапи и запознавме многу пријатeли. Прво одевме до градот кој е  близу „Арарат“, потоа се качивме на 2.200 метри, каде што имаше базен камп, имавме луѓе „шерпаси“, луѓе коишто ни ги носеа товарите. Затоа беше ангажирана една Агенција од Турција, таму претежно живеат Курди, во тој регион и се качивме на 3.200 каде што во базниот камп се одморивме, потоа се искачивме на 4.200 каде што требаше да правиме аклиматизација. Но, земајќи го предвид нашето искуство ноќта во 1 часот тргнавме кон врвот заедно со група од Бугарија, Босна и Херцеговина и после 6.30 и мачно качување, веќе на изгрејсонце бевме горе на врвот, вели Ангелов.

Планинарите Спаскова, Ангелов и  Трајчев  велат дека чувствата едноставно не можат да се опишат, кога некој врв ќе се искачи, солзите сами течат, а како што вели Ангелов на врвот си како да си на друга планета.

-Таму летаат авионите. Погледот беше неверојатен, дуваше силен ветар, темпеартурата беше -25 степени. Јас за моја среќа успеав да се задржам 45 минути на врвот, бидејќи имав сериозна планинарска опрема и токму тоа ми дозволи да уживам цели 45 минути на врвот и да запознаам пријатели од Австралија, Ерменија, од Грузија, вели Ангелов.

Штипските планинари забележуваат дека проблем се  лизгавите карпи, а се појавиле откако го освоиле врвот. Поради лизгавите карпи, тешко им одело симнувањето, односно потешко се движеле од врвот, па надолу  до базните кампови.

Спаскова надполнува дека еден од предзвиците биле ниската температура и  ветрот, коишто не дозволувале да прават паузи и да земат здив. Таа потенцира дека на секое застанување за воздишка им влегува и студот во коски.

-Рацете ни беа замрзнати, да не речема и нозете, така да ете тие беа најголемите предизвици, со кои се соочивме. Инаку врвот Арарат не е некој што е ризичен или технички захтевен врв, рече Спаскова.

Тоше Трајчев, кој ја љуби планината смета дека биле одличен и сложен тим, кој знаел заеднички да функцира и да ги решава сите проблеми и тоа во од.

-Не се обасјнува, едноствано треба да се оди со нас. Точно е дека има тешки моменти, но кога си тим не и истиот начин на размислување. Потребно е и да се сака планината, а врвот „Арарат“ секако дека ќе го запаметам. Тргнав со нови гојзерици и ми направија проблем со петите. Меѓутоа благодарение на Биби ги бандажиравме и го искачив врвот, а исто така и ги скршив наочарите. Трајче Алексов на шега ми рече „ем сакат, ем ќорав“ го искачи врвот, вели Трајчев.

Тие се закитија и со сертификати од Федерацијата за планинари на Турција. 

Приказната за Ное и неговата арка е поврзана со врвот „Арарат“. Штипските планинари велат дека фасцинанатната приказна за арката на Ное им била мотивација да се искачат на Голем Арарат, каде што највисоката точка е 5.137 метри. Според Библијата во „горите на Арарат„ застанала арката на пророкот Ное, откако стивнал светскиот потоп. Во Ноевата арка спасени се сите животни и човештвото.

Штипските планинари се едногласни и сонуваат  дека следниот врв кој ќе го искачат ќе биде висок 7.000 метри. Целта им  е врвот Ленин  помеѓу Таџикистан и Киргистан. (МИА)