Четворица Македонци и еден „помакедончен“ Британец на добротворно патување од Лондон до Скопје


Четворица Македонци и еден Британец, од Лондон, со препознатливи за Островот такси возила, тргнаа на добротворен пат до Македонија, а попатно застануваат низ 15 држави, кај пријатели и нивни поддржувачи.

Целта на ова ентузијастичко патување е да се пренесат пораките за солидарност, емпатија, единство и мир низ европскиот континент, како и подигнување на свеста за добротворните акции.

„Интересно патување од Лондон до Скопје, во период од 10 дена, на тим од пет ентузијасти во добротворна мисија. Целата дестинација од над 4,000 километри, со многу попатни станици, не е со најнов модел на автомобил, брз воз или комотен авион, туку со препознатливата транспортна икона на Лондон, црното такси (Black cab). И тоа не едно, ами две. На тие осум тркала низ 15 држави на 13 Мај од Лондон почна ова необично патешествие на Кико, Дејан, Драган, Трајко и Andy…четворица побританчени Македонци и еден помакедончен Британец. Пораките за солидарност, емпатија, единство и мир низ европскиот континент ќе бидат пренесени низ многу места каде тимот ќе биде поздравен и пречекуван од многу поддржувачи на нивната добротворна мисија. Таа може секој да ја следи на нивната фејсбук страна и да стане дел од оваа акција, која веќе е поддржани од многу спонзори и донатори. До сега се поминати Холандија, Луксембург, Германија. Следуваат дестинации во Швајцарија, Италија, Австрија…Потоа низ државите на бивша Југославија, преку Бугарија до Македонија. Ако се оди по планот, мисионерите ќе стигнат во Скопје на 22 мај“, стои во објавата на нивата Фејсбук страница Black Cab – Europe Charity Trip.

Уште пред да тргнат на ова патување, тие отворија повик со цел да се соберат 2.000 фунти од кои досега се собрани повеќе од 1.500 фунти.

Како донатори и спонзори на патувањето оние што ќе обезбедат симболичен износ на сретства ќе добијат лична промоција од страна на организаторите на акцијата, преку веб страницата, социјалните мрежи, лого поставено на едно од такси возилата како и промоција на одреден бренд на настаните кои се организираат попатно на самата рута.

Групата вчера возеше низ Италија, каде ги начека врнежливо време, а од објавите на социјалните мрежи може да се види дека езерото Комо е прекриено со дождовна маглина. Тука, мораше да менуваат дупната гума. Претходно, во Германија се соочија со проблеми со едниот автомобил, но секогаш се најдува некој добронамерник кој без задршка им помага.

Утрово се во Словенија.

На 21 мај, групата преку граничниот премин на македонско-бугарската граница кај Делчево ќе влезе во Македонија, а потоа ќе пристигнат и во Скопје.

 

Собраните финансиски сретства ќе бидат наменети за болницата за деца Great Ormond Street во Англија, но и за одредено семејство или институција на кои им е потребна помош и во Македонија.