Четириесет и седум деца и 14 вработени се во изолација поради Ковид-19

Во моментот 47 деца од предучилишна возраст, односно три згрижувачки групи и 14 вработени се во изолација поради Ковид-19, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Единствено затворен е објектот во склоп на градинката „Ѕвездички“ во Чешиново-Облешево, кој, како што најави денеска министерката, ќе биде отворен утре.

Во градинките, според Шахпаска, се уште целосно не е исполнет капацитетот согласно протоколот за работа и има слободни места за сместување на децата.

– Од моментот на отворање на градинките на 9 септември ја следиме состојбата на дневно ниво. Нашите податоци од терен се дека се уште има слободни места. Дополнително, Владата не задолжи како ресорно Министерство да испратиме допис до градинките кои треба да ги исконтактираат родителите што имаат запишано деца, а не ги носат во градинка, да ја демонстрираат својата општествена одговорност и да го отстапат местото на оние родители чии деца се приоритет за сместување, истакна Шахпаска, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во Владата.

Таргетот на Владата е во следните четири години да бидат отворени нови 7.500 места за сместување.

– Би било утопија доколку кажеме дека во нашите градинки, и во услови надвор од корона кризата, има место за сместување на сите деца. Затоа во изминатиот период изградени се 49 објекти за сместување на деца и 3.193 дечиња беа сместени. Нашиот таргет е до 2024 година во градинка да бидат сместени 60 проценти од децата во предучилишна возраст, односно да бидат отворени 7.500 места, рече Шахпаска.