Четири запуштени површини ќе добијат нов изглед


Меѓу бул. „Илинден“ и улица „Никола Teсла“

Запуштените простори кај „Млин Балкан“, на „Илинденска“, меѓу „Јане Сандански“ и „Владимир Комаров“, како и пред слаткарницата „Палма“ во Аеродром, ќе бдат преуредени во пријатни зелени површини, најавуваат од Град Скопје.

Во рамките на големиот проект за ревитализација и редизајн на зелени јавни површини во градот, наредниов период во Скопје ќе започне изведбата на четири нови модерни зелени површини.

Проектот за ревитализација и редизајн на зелени јавни површини во градот се реализира изминативе две години од Градот Скопје и Центарот за иновации на град Скопје (Скопје Лаб). Главна цел на проектот е ревитализација на запуштени јавни површини преку изградба на нови модерни површини (скверови), кои ќе обезбедат поквалитетен простор за релаксација, одмор и дружење на граѓаните. Новите скверови ќе бидат со модерен дизајн, а истите ќе бидат исполнети со многу зеленило и модерна урбана опрема.

Во рамки на овој проект беше спроведено големо истражување – анкета на која граѓаните предлагаа локации кои би биле предмет на целосен редизајн и обнова. Како резултат на овие истражувања, а по предлог на граѓаните, Градот Скопје во наредниот период ќе изгради четири нови модерни јавни површини – скверови на следните локации:

На бул. „Јане Сандански“ пред „Рамстор“

1. Помеѓу бул. Илинден и ул. Никола Тесла во Карпош, на површина од 1.470 квадратни метри.

2. Пред и зад амбуланта „Млин Балкан“ во Центар, на површина од 585 квадратни метри.

3. Помеѓу бул. Јане Сандански и улицата 23 Октомври (поранешна Владимир Комаров), пред Рамстор и Стопанска банка во Аеродром, на површина од 2.000 квадратни метри.

4. На бул. Јане Сандански пред слаткарницата „Палма“ во Аеродром, на површина од 1.068 квадратни метри.

Ревитализацијата на старите и запуштени јавните површини ќе продолжи и во наредниот период на повеќе локации низ Скопје.