Четири угостителски објекти во Скопје работеле по дозволеното време


Фото: Б. Грданоски

Полициски службеници од СВР Скопје заедно со Државниот пазарен инспекторат вчера, од 16:00 до 23:00 часот, на подрачјето на СВР Скопје вршеа контроли за почитување на мерките од Законот за заштита на население од заразни болести и новите одлуки за промени на работното време на угостителските објекти.

Како што соопшти денеска МВР, контролирани се 285 објекти и констатирани се четири непочитувања на работното време, едно во Аеродром, едно во Гази Баба и две во Сарај. Согласно последната одлука, работното време на угостителските објекти се ограничува на 18:00 часот, за што ќе бидат изготвени соодветни кривични пријави за сопствениците на објектите, а од страна на ДПИ изречена е забрана за работа.

Во угостителскиот објект на улица „Перо Наков“ во Скопје во 18.40 часот е констатирано дека работи и во него има гости. Сопственичката В.Н. е лишена од слобода и против неа ќе биде поднесен соодветен поднесок

Во објект на булеварот „Трета македонска бригада“ во 20.30 часот се затекнати гости, а одговорното лице Д.Ј., кое е затекнато во објектот е лишено од слобода и по документирање на случајот ќе следи соодветна пријава.

Непочитување на работното време и присуство на гости е констатирано и во чајџилница во село Копаница и кафе-бар во село Чајлане и против сопствениците ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.