Четири од пакетот закони на МИОА на собраниската Комисија за европски прашања


Фото; Б. Грданоски

Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за европски прашања.

Членовите на Комисијата ќе дискутираат по четирите од пакетот закони подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација – Предлог на законот за административни службеници, Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Предлог на законот за вработените во јавниот сектор и Предлог на законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, сите по скратена постапка.

Истите четири закони се на дневен ред и на собраниската Законодавно – правна комисија.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу минатата недела на прес-конференција ги повика пратениците да ги разгледаат сите дилеми во врска со пакетот закони предложен од МИОА, кои пред повеќе од еден месец се усвоени од Владата, а се заглавени во Собранието. 

Се работи за законите поврзани со јавната администрација, за дигитализација и за медиуми на кои МИОА работело подолго време и кои, рече Алиу, се клучни и од суштинско значење за олеснување на животот на граѓаните. Посочи дека тие се поврзани и со трите столба – администрација, дигитализација и медиуми од програма на ЕУ „Дигитална Европа“ со која летото нашата држава склучи договор.