Четири новозаразени во Прилеп, 41 излекувани од ковид-19


Општинскиот кризен штаб на Прилеп денеска одржа седница на која се разговараше за актуелната состојба со вирусот ковид-19 и за мерките што ќе се преземаат за справување со вирусот. Градоначалникот Илија Јованоски по седницата на ОКШ, онлајн информираше дека има 4 нови случаи на заразени прилепчани со коронавирусот, со што вкупната бројка на инфицирани достигна 147, пренесе Нова Македонија.

– Охрабрува секојдневното зголемување на бројот на излекувани пациенти од ковид-19. Денеска имаме 10 такви случаи, со што вкупниот број на излекувани наши сограѓани изнесува 41. Во самоизолација се наоѓаат 228 сограѓани, а во изминатото деноноќие се забележани две нарушувања на полицискиот час. На инфективното одделение во општата болница „Борка Талески“, хоспитализирани се 18 пациенти, а 15 од нив се позитивни на ковид-19, тројца се наоѓаат на одделот за изолација, од кои двајца се негативни на коронавирус, а на еден му е земен брис и се чекаат резултати – рече Јованоски.

Тој информираше дека Општина Прилеп добила донација од 32.000 заштитини маски за граѓаните од Министерство за здравство преку Дирекција за заштита и спасување.
– Во изминатиот период на граѓаните им поделивме околу 80.000 бесплатни заштитни маски, во институциите, преку урбаните заедници. Сѐ додека има потреба, општината ќе дистрибуира бесплатни заштитни маски. Исто така, во текот на вчерашниот ден во Општината пристигнаа 200 заштитни одела – скафандери, донација од збратимениот град Дејанг, од кинеската провинција Си Чуан, како поддршка во справувањето со пандемијата на ковид-19 – посочи Јованоски, истакнувајќи дека викендот што следува ќе се врши целосна дезинфекција во населените места во општината.

Во понеделник, 4 мај, од 09 до 14 часот, во просториите на Општина Прилеп на иницијатива на градоначалникот ќе биде организирана крводарителска акција во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.

Градоначалникот Јованоски, која најави дека ќе прима минимална плата од 14.500 денари, односно остатокот ќе го донира, апелираше во текот на претстојниот продолжен првомајски викенд, да нема масовно собирање и групирање на граѓаните на затворен и отворен простор, односно по викендиците и излетничките места во општината, односно олабавените мерки од Владата, да не се злоупотребуваат, а граѓаните да ги искористат за индивидуални прошетки, затоа што опасноста од корона вирусот сѐ уште постои.