Четири неизвесни „К“ на изборите
Куманово, Кичево, Кочани и Карпош се четирите општини кои не избраа градоначалник во првиот круг на изборите. За разлика од општата предвидлива и монотона слика на резултатите од другите општини, овде се случија непредвидливи ситуации: Во Карпош не успеја да победи ВМРО-ДПМНЕ, па во вториот круг ќе одат Сотир Лукаровски и Стевчо Јакимовски од ГРОМ. Во Куманово падна „круната“ на макдим Димитриевски чија партија не успеја ни тука ни во општина Центар да извојува победа во првиот круг иако имаше поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Уште повеќе многу е неизвесно дали во вториот круг Димитриевски ќе може да прогласи победа, со оглед на тоа дека со 75 отсто пребројани гласови тој освои 34,60 отсто гласови, ДУИ – 17,82,СДСМ- 12,74 и ВЛЕН – 11,52 отсто.
Уште понеизвесно е во Кочани каде изненадување е и тоа што води воопшто ВМРО-ДПМНЕ што е резултат на расцепканите гласови за независни кандидати, на Левица и на СДСМ, така што во вториот круг тоа водство лесно може да се стопи. Во Кичево води Македонец за градоначалник , кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, а зад него се кандидатите на ДУИ, па на ВЛЕН. Покрај Центар и најверојатно Град Скопје, ова ќе бидат општините на кои ќе биде најголемиот фокус во вториот круг.