Четири награди за НУ Турски театар Скопје на фестивал во Драч


 Претставата „Слепци“ на НУ Турскиот театар – Скопје освои четири награди на првото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Dyrrachium“ во Драч, Албанија.

Главната награда на фестивалот – за најдобар ансамбл – му припадна на ансамблот на НУ Турски театар за целокупната актерска изведба во претставата „Слепци”. Претставата ја освои и наградата за најдобра претстава, додека Ќендрим Ријани беше награден за најдобар режисер. Посебно признание од жири-комисијата ѝ беше доделено на актерката Сузан Акбелге.

-„Слепци“ е сценски спој инспириран од делото „Слепци“ на Морис Метерлинк и книгата „Погубни идентитети“ на Амин Малуф. Преку приказната за единаесет ликови кои се обидуваат да го најдат патот назад, претставата отвора прашања за идентитетот, припадноста, различностите и човековата потреба да го пронајде своето место во светот, соопшти Турски театар – Скопје.

Посочува дека четирите награди на фестивалот во Драч се значајно меѓународно признание за актерскиот ансамбл и авторскиот тим на „Слепци“, како и за уметничката работа на НУ Турскиот театар – Скопје.

Минатата година претставата „Слепци“ освои четири награди и на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Претставата ја доби највисоката оценка од публиката, Ќендрим Ријани доби награда за најдобра режија, Слаѓана Вујошевиќ беше наградена за најдобра млада актерка, а Медина Хоџа – за најдобар рекламен материјал за претставата. 

Публиката ќе има можност повторно да ја погледне „Слепци“ на 1 октомври од 20 часот на малата сцена во Театар Комедија. Претставата се игра на македонски, турски, албански и на англиски јазик, со превод на македонски јазик.