Четири лица повредени во нов напад со нож во Сиднеј


 Четири лица се повредени утринава, меѓу кои и еден полицаец, во најновиот во низата напади со нож во Сиднеј, соопшти полицијата.

„Напаѓачот кој побегнал од местото на нападот бил брзо фатен. Во моментов нема закана за луѓето во Сиднеј“, изјави министерот за полиција на државата Нов Јужен Велс, Џесмин Катли.

Полицијата соопшти дека никој смртно не настрадал во нападот што следеше по сообраќајна несреќа во јужното предградие Енгадин во Сиднеј.

На снимките од воздух направени од Австралиската радиодифузна корпорација се гледаат два автомобили кои учествувале во несреќата опкружени со полициска лента.

Во Сиднеј, град со пет милиони жители, оваа година се случија серија напади со нож, поради што Владата на Нов Јужен Велс го заостри законот за носење ладно оружје.