Четири исечени дрва предизвикаа револт кај битолчани


Исечените дрва стоеја на средината на улицата „Рузвелтова“ која сега се реконструира

Едно од дрвата во центарот на градот падна врз дуќан за време на Велигден, општината потоа ги исече и другите три. Улицата каде што се наоѓаа се реконструира. Политиката се вмеша веднаш

 

БИТОЛА – Сензибилираноста на јавноста околу животната околина на битолската јавност се покажа и во случајот на сечењето на четири дрва пред главната пошта во Битола. Таа реакција во голема мерка се пренасочи во  револт, како што обично сега бидува – на социјалните мрежи.

Во март годинава започна реконструкцијата на улицата „Рузвелтова“ во Битола која во еден свој крак поминува пред главната пошта, па зимзелените дрвја  кои со децении беа на овој потег се отстранети по велигденските празници. Токму за Велигден еден од боровите падна врз на ѕид од околните дуќани, но не предизвика штета. По овој „инцидент“ од улицата се отстранија и трите други дрва.

Битолчани веднаш реагираа на социјалните мрежи

„Бетонски град! Не знам од каде ќе дише градот! Ова не е градот на конзулите, ова е бетон град. Дали сѐ уште има зеленило за сечење во овој град, покрај сѐ што се исече во поранешната касарна. Дали ќе се засадат нови или на зима ќе дишеме на шкрги“, реагираа битолчани.

Тоа веднаш се претвори поле за политичка пресметка, па отстранувањето на четирите дрва ОК на ВМРО-ДПМНЕ го нарече „еколошка катастрофа“ и се обиде да се амнестира од сечењето на зеленилото во градот за време на нивното 12-годишно владеење.

„За жал денес беше уништен дрворедот пред поштата, што би рекла Петровска, беше отсечен дел од белите дробови на централното градско јадро. Денес почитувани сограѓани не видовме ниту еден ‘паркобран’ или борец за чист воздух да ги гушка боровите… Сакаме уште еднаш да повикаме на одговорност, но не прифаќаме одговори во стилот што сме правеле ‘ние’ бидејќи тоа е минато, а ние во ВМРО-ДПМНЕ размислуваме за иднината која по ваша заслуга станува сѐ поцрна. Одговорност ќе има“, се вели меѓу другото во партиската реакција.

Пред две недели при увид на градежните работи на улицата „Рузвелтова“, на градоначалничката Наташа Петровска и директорот на ЈКП „Комуналец“, Панде Богоевски, беше најавено дека по завршувањето на градежните активности треба да се изврши ново хортикултурно уредување на улицата.

„Тогаш се дискутираше за веќе постојните дрвја, од кои дел се стари и оштетени, со плитки корења и претставуваат опасност за околината. Беа консултирани и жителите во улицата, како и сопствениците на објектите, кои посочија дека за време на реконструкцијата е добро да се изврши замена со нови садници“, стои во соопштението од Општина Битола.

Кога градоначалничката Наташа Петровска изврши увид во работите рече дека улицата ќе има ново хортикултурно уредување

Улицата „Рузвелтова“ е една од најфреквентните споредни улици на Широк Сокак, зошто води кон главната пошта и Старата битолска чаршија. Сместена во срцето на градот таа со децении претставуваше горлив проблем за битолчани, особено во деновите со дожд и снег, кога поради дупките и нерамнините не можеше да се помине пеш. Сега конечно се реконструира.

„Улицата ќе биде целосно реконструирана, ќе биде променета канализациската мрежа, па промена на водоводните приклучоци и уличното осветлување. Ќе се врши замена на надземните водови со подземни. Потоа, следува целосна реконструкција на коловозот и тоа со стари гранитни плочки кои треба да се вклопат во изгледот на старото градско јадро, односно со Широк Сокак. Паралелно со реконструктивните зафати и новото улично осветлување и хортикултурно уредување“, изјави градоначалничката Наташа Петровска. 

Вредноста на овој проект изнесува околу 11,3 милиони денари. (А.Б.)