Четири и пол години затвор за второобвинетиот за несреќата во која лани загинаа сопружници на излезот од Штип


Второобвинетиот во тешката сообраќајна несреќа во која лани загинаа двајца сопружници доби затворска казна од четири и пол години. Несреќата се случи лани на регионалниот пат кој поминува низ штипската населба „Балканска“.

Судијата кривичар во штипскиот Основен суд, Ацо Тасев денеска ја објави пресудата, со којашто второобвинетиот е огласен за виновен. Пресудата е донесена по основ на целата доказна постапка која заврши на судењето во понеделникот, кога беа искажани и завршните зборови против  обвинетите. За второобвинетиот одлуката за затворска казна е донесена врз основа на супервештачењето во кое се вели дека обвинетиот има придонес во сообраќајната несреќа со смртни последици на две лица кои се сопружници.

Второобвинетиот не призна вина, а за првообвинетиот претходно беше донесена пресуда со казна затвор од пет години, за која олеснителна околност беше признавањето вина.

Според супервештачењето, возилата на обвинетите се движеле со брзина од 130 километри на час. Инаку, сообраќајната несреќа се случи на 31 мај 2022 година меѓу возила „југо“ и „опел астра“, а на лице место починаа две лица. Според Основното јавно обвинителство, кое издаде Наредба за спроведување истражна постапка, двајцата обвинети ја предизвикаа сообраќајната несреќа со тоа што со брзина поголема од максимално дозволената се движеле по улицата „Брегалничка“, еден позади друг. Доближувајќи се до крстосница, наместо да ја намалат брзината, едното возило започнало да го претекнува другото и навлегло во коловозна лента за сообраќај од спротивна насока. Возачот на автомобилот „југо“ се обидел да го избегне автомобилот кој му доаѓал во неговата лента, но притоа директно удрил во другиот престигнуван автомобил.