Честитка од Макрон за Денот на независноста

По повод Денот на независноста 8 Септември, порака со честитки до претседателот Стево Пендаровски и до македонските граѓани упати  претседателот на Франција, Емануел Макрон.

Во честитката францускиот претседател пишува дека годината ја обележа стапувањето во сила на Преспанскиот договор како и потпишувањето на протоколот за приклучување на нашата земја во НАТО и дека предлог-законот кој ќе овозможи негова ратификација е веќе доставен до француското собрание и тоа треба набргу да се произнесе.

„Франција ја поддржува европската перспектива на Вашата земја и на сите други од Западен Балкан. Посакувам Европската Унија што побрзо да ги прецизира начините за да ѝ овозможи на оваа перспектива да биде дел од неопходната реформа за функционирањето на Европската Унија, за да може да ја гарантира нашата стабилност и нашата заедничка иднина“, пишува во честитката на Макрон.

Тој додава дека посакал Франција да го зголеми својот конкретен ангажман на државно ниво во полза на стабилноста и на развојот на земјите од Западен Балкан изготвувајќи национална стратегија за регионот.