„Чест и вест“ – промоција на книга од доајенот Тачко Локвенец во Прилеп


Денеска напладне во библиотеката „Борка Талески“ во Прилеп, ќе биде промовирана книгата со наслов „Чест и вест“ чиј автор е доајенот на прилепското и македонско новинарство, Тачко Локвенец. За книгата, за ликот и делото на новинарот и писател Локвенец ќе говорат неговите колеги и пријатели, репрезенти на новинарското перо, Ерол Ризаов и Иван Бојаџиски. Извадоци од книгата ќе чита актерот Игор Трпчески.

Локвенец во својата долгогодишна новинарска кариера работеше за дневниот весник „Нова Македонија, а работел и за “Вечер“, „Трудбеник“, „Млад борец“, “Студентски збор“, за локалниот неделник во Прилеп, „Народен глас“, за „Флака е влазнимит“, како и за повеќе списанија во поранешна Југославија.

Дел од неговите написи во „Нова Македонија“ се публикувани во првата негова книга

со наслов „Судница-лудница“. Локвенец е автор и на делата „Ние сме тука“, „Љубовни приказни“,„Вест и власт“, „Илинденски обелиск“, на монографијата за 60 годишнината од постоењето на прехранбената индустрија „Витаминка“. Последните две години од својот живот

работеше интензивно на својата книга „Чест и вест“ со намера, како што велеше, да даде

пресек на новинарството од осамостојувањето на Македонија.

Локвенец е коосновач, а потоа и сопственик на списанието „Порта“ кое бележи издавачки

континуитет од 2000 до март 2020 година.

Тачко Локвенец, почитувачот на еснафите, вљубеникот во книжевноста и поезијата, страсниот вљубеник во духот на животот во својот град, замина  на 79 годишна возраст на 19 февруари 2021 г. поради компликација предизвикана од коронавирусот. Смртта го затекна во болницата во Прилеп.