„Чешмата убиец“ одзеде десетина животи на битолчани во последните 15 години
Чешмата убива, а освен табла со предупредување, која некој е отстранил, општинските власти ништо досега сериозно не презеле. Освен жалење за загубените животи
БИТОЛА – „Чешмата убиец“ во месноста Кисела Вода крај Битола, од која тече минерална вода во последните две децении зеде десеттина животи на битолчани. Од млади матуранти до средовечни граѓани. Последните жртви се двајца возрасни браќа од Битола, за кои велат дека редовно полнеле вода од изворот кој одвреме навреме испушта смртоносен гас – јаглерод диоксид (СО2).
Само пред некој месец, на истиот извор бил задушен и друг средовечен битолчанец, што значи дека само оваа година, на ова место починале тројца граѓани на Битола.
Денеска, само еден ден по несреќата, на местото Кисела Вода е тивко и без фреквенција на минувачи и полначи на вода. На местото на несреќата многу нешта потсетуваат на трагедијата и последните жртви. Таму сѐ уште е торбата со неколку пластични шишиња на браќата, едно од шишето е полно и паднато во водата, во коритото околу изворот, а она што предизвикува морничава слика е капата со стреа стуткана на првото скалило најблиску до изворот, што најверојатно ја носел еден од браќата пред несреќата. Полицијата соопшти дека од смртоносниот гас се задушија битолчаните А.Н. (68) и К. Н. (63), а случаен посетител на изворот во 16,24 часот повикал Итна медицинска помош. Но, за жал, лекарите само констатирале смрт.
Симптоматично за целата ситуација е што пред изворот има импровизирана врата со решетки и катанец, значи некој се обидел да го затвори изворот за користење, но, бадијала, местото е достапно за секој што сака да наполни од водата.
Всушност, чешмата е до самиот објект, кој кај битолчани е познат како кафеаната „Кисела Вода“. До изворот со минерална вода се слегува по шест-седум скалички, а на бетонираниот ѕид стои натписот „опасно“. Чешмата спуштена под површинското ниво, долу, на повеќе од еден и пол метар собира отровен гас кој е причина за настапување на смрт доколку се вдиши.
Битолчани неофицијално раскажуваат дека најверојатно, најпрво слегол едниот брат да полни вода, а кога паднал во бессознание задушен од гасот, другиот брат се обидел да му помогне, но не успеал. И тој веднаш ја загубил свеста. Двајцата починале за кусо време.
Ило Илиевски, домаќин на црквата „Свети Георгиј“ во месноста Сребрена Вода која е во непосредна близина на јамската чешма, вели дека вчера настраданите браќа биле редовни полначи на вода од изворот во Кисела Вода, а дека такви кои редовно полнат вода има уште десеттина граѓани.
Тој вели дека браќата со велосипед редовно доаѓале на изворот, но дека редовните полначи на вода, препознавале кога од изворот има испуштање на смртоносниот СО2 со тоа што како што вели „со самото спуштање по скалите од гасот печат очите, и тогаш – бегај“.
Вчерашната несреќа отвори многу прашања за битолчани, околу безбедноста и надлежноста на изворот. Критиките на јавноста се насочени кон надлежните, и секако прашањето – зошто изворот не се затрупа или не се извади на површината на земјата, кога веќе зема човечки животи.
„Не можам да ги разберам луѓето зошто полнат вода од смртоносен извор. Иако водата е здрава и исправна, проблем е гасот. Треба да знаат дека е опасно по живот. Ама не можам да ги разберам ни надлежните зошто не го затрупаат изворот оставен од Османлиите. Битолчани сега по несреќата ќе дебатираат, но брзо ќе заборават, кој е виновен. Не дај боже да се повторат несреќите, никој не носи одговорност“, коментира еден битолчанец.
Од Центарот за јавно здравје во Битола велат дека нивната надлежност околу изворот е само во делот дали водата е исправна за пиење. Директорката на Центарот, Елизабета Крстевска, вели дека два пати во годината вршат контрола дали водата е исправна за консумирање, но не кажа конкретни податоци што покажале последните анализи.
Од Општина Битола велат кај јамската чешма имале поставено табла со предупредување, но дека таа е отстранета од непознати лица.
„Општината претходно го има обезбедено просторот кај изворот Кисела Вода со поставување на челична мрежа и била поставена табла за забрана за слегување и полнење на вода“, велат општинските власти. Она што Општината може да го направи најбрзо е само да постави табла со предупредување, а потоа постепено да го решава проблемот со Министерството за животна средина.
„Во моментот, тие се отстранети од непознати причини. Кој и зошто ги отстранил, потребно е да биде проверено од надлежните институции. По вчерашниот несреќен случај, за кој општина Битола изразува големо жалење, повторно ќе биде поставено соодветно предупредување за опасностите кои постојат на ова место, а имајќи ја предвид законската регулатива, општината ќе се обрати до сите надлежни државни институции за институционална координација во решавањето на овој сериозен проблем“, велат од Општина Битола за „Независен“.