Чешкиот премиер се извини што берел цвеќиња во национален парк
Чешкиот премиер Андреј Бабиш вчера се извини за берењето цвеќиња во заштитено подрачје на планината Лиса Хора во источна Бохемија, велејќи дека ќе плати казна доколку е потребно.
Во видео објавено на Фејсбук, Бабиш рече дека ги берел цвеќињата во спомен на починат колега од неговото движење АНО, со кого претходно се искачил на планината.
„Можеби сум прекршил некој закон, за што се извинувам и сигурно ќе платам казна доколку е потребно“, рече тој.
Снимките од искачувањето во саботата, објавени на Фејсбук страницата на Бабиш, го прикажуваат премиерот како се искачува со мал букет цвеќе, кој потоа го положил на споменикот на врвот. На Бабиш на врвот од 1.324 метри му се придружија двајца министри, политичари од партијата АНО и нивни поддржувачи. Лиса Хора е највисокиот врв во Моравско-шлеските Бескиди.
Експерт за животна средина: „Ова се сосема нормални цвеќиња“
Експерт за животна средина, кој работи за организација под надзор на чешкото Министерство за животна средина, изјави за чешкиот медиум iDNES дека Бабиш набрал два сосема нормални вида и дека е малку веројатно дека ќе биде казнет.
„Ова се сосема нормални цвеќиња. Апсолутно нема проблем, дури ни во национален парк“, рече експертот, чие име не беше објавено од медиумот.